СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

За активни програми и мерки за вработување издвоени се 24,5 милиони евра за опфат на 10.279 граѓани

Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги за пазарот на трудот оваа година изнесува 1,5 милијарди денари и со него ќе бидат опфатени 10.279 лица, информираа на прес-конференција заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири и постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН, Нарине Сахакјан.

„Со вкупен буџет од околу 24,5 милиони евра, овогодинешниот Оперативен план ќе го зајакне и поддржи пазарот на трудот во земјава за надминување на последиците од Ковид кризата”, истакна заменик-претседателот Битиќи.

Тој посочи дека важно при имплементацијата на овогодинешниот Оперативен план е тоа што тој ќе биде поддршка на оние кои ги изгубија своите работни места во кризата, нивното враќање на пазарот на трудот е инклузивно и поттикнува рамномерен регионален развој.

„Целта на овие принципи е да се постигне рамномерна поддршка со Оперативниот план, која нема да биде селективна и која ќе ги опфаќа сите категории на граѓани. Владата ги креира економските мерки за спас на секое работно место, но никој нема да биде оставен сам. Оние кои во оваа криза ги изгубија своите работни места ќе бидат опфатени со овој Оперативен план, но и не само тој. Во моментов здравјето на граѓаните е приоритет, се останато ќе надокнадиме заедно”, истакна Битиќи.

„Целта на Оперативниот план е различни ранливи категории на невработени лица, млади лица, жени, лица со попреченост, лица кои ја загубиле работата поради корона кризата, побрзо и полесно да пристапат на пазарот на трудот”, потенцираше министерката Шахпаска.

Таа посочи дека во соработка со Агенцијата за вработување годинешниот Оперативен план е креиран во согласност со потребите на невработените лица и на претприемачите, со единствена цел да се обезбеди поголема вработливост и намалување на невработеноста, како и вадење на граѓаните од социјален ризик.

„Преку мерката „Економија на грижа”, односно Обука и вработување на лица за услуги на грижа во заедницата за лица со попреченост и лица со хронична болест, обезбедуваме обука за невработени лица за стекнување стручни квалификации и вештини. Во наредните 10 месеци тие ќе обезбедуваат грижа за лицата со попреченост и за лицата со хронични болести и за тоа ќе добиваат месечен надоместок од 30.780 денари. Со оваа мерка се опфатени 150 лица”, посочи Шахпаска.

„Програмата за развој на Обединетите нации оваа година ќе се вклучи во реализацијата на Оперативниот план со сет нови иновативни мерки фокусирани на економијата на грижа при што на најранливите категории невработени лица ќе им се понудат механизми за активирање на пазарот на трудот. Екомонското зајакнување на жените е важна област во работењето на УНДП, и токму затоа овие активности ќе опфатат нови начини за зајакнување на позицијата на жената на пазарот на трудот. Во исто време ќе се понудат подобри социјални услови за најранливите, а од друга страна ќе се отворат нови работни места за жени кои претходно биле оптоварени со неплатена работа”, истакна Нарине Сахакјан, постојана претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации во државата.

Директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири истакна дека Агенцијата за вработување во целост е подготвена за имплементацијата на Оперативниот план за вработување за 2021 година кој содржи програми и мерки кои ќе обезбедат создавање и поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица.

„Почнувајќи од денес невработените лица и работодавачите ќе може да аплицираат за програмите и мерките за вработување за кои утрово ги објавивме јавните огласи, односно за програмата Самовработување, мерката Субвенционирање на плати, програмата Практиканство, мерката Обука на работно место за познат работодавач и програмата Јавни Работи”, информираше Демири.

Поврзани вести

Народна банка: Се овозможува ист третман и на клиентите на банките и штедилниците коишто добиле кредитна поддршка во текот на март

Османи: Патната и железничката инфраструктура помеѓу С. Македонија, Бугарија и Албанија е од интерес за целиот Европски континент

Влатко Зорба

Танасоски: Зелени коридори ќе обезбедат 24 часовна работа на гранични премини

Берта Китинска