СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Директорката на ММФ на средба со Бежоска: НБ има витална улога во ублажувањето на влијанието на кризата

„Народната банка има витална улога во ублажувањето на влијанието на кризата и обезбедувањето економска и финансиска стабилност. Вашите професионалност и независност се од клучно значење.“ – рече директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, на состанокот со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, одржан вчера.

На состанокот беше нагласена важноста на силните и кредибилни институции, особено во услови на криза, кога треба да сторат сѐ што е потребно за зачувување на довербата и поддршка на домаќинствата и компаниите. Исто така, беше истакнато дека професионалноста и независноста на централната банка се клучни предуслови за исполнување на нејзиниот мандат, вклучително и за обезбедувањето на целокупната стабилност на финансискиот систем.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ги нагласи поддршката и партнерството од страна на ММФ низ годините. „За нас е особено важно што имаме меѓународен партнер со силен интегритет, професионализам и стручност, којшто постојано вложува во подобрувањето на нашите капацитети и ни помага во зацврстувањето на нашата улога во општеството.“ – кажа гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Во однос на тековната здравствена криза, Георгиева и Ангеловска-Бежоска разговараа за неизвесноста и предизвиците за носителите на политики во периодот што доаѓа. На состанокот беше истакнато дека на глобално ниво е потребна будност и претпазливост во овие околности и заради неизвесноста околу времетраењето и последиците од пандемијата. Ова се однесува и на политиките на финансискиот сектор, во коишто треба да има мерки за зајакнување на отпорноста на финансискиот систем. Во тој контекст беше посочено на неопходноста од претпазливост во политиките за распределба на дивиденда, како важен чекор во градењето на капацитетот на системот, сѐ додека не започне процес на одржливо закрепнување.

На крајот на состанокот беше заклучено дека ММФ и Народната банка ќе продолжат со интензивната соработка, поддржувајќи ги напорите во создавањето придобивки за економијата и општеството и штитејќи го јавниот интерес. Во овој поглед, доброволното учество на Народната банка во пилот-оценувањето на усогласеноста со Кодексот на ММФ за транспарентност на централните банки беше оценето како важен дополнителен влог за зајакнување на транспарентноста и интегритетот на институцијата.

Поврзани вести

Влада: Граѓаните можат да ја користат поддршката од 6.000 денари без рокови и ограничувања

Берта Китинска

Ангеловска: Во месец април е остварен поврат на ДДВ кон фирмите од 38 милиони евра, што е за 23% повеќе од минатата година

Скопски пазар со нето добивка од 107.113 илјади денари

Влатко Зорба