СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Бизнис зделка на векот вредна 400 милијарди долари

Во саботата министрите за надворешни работи Џавад Зариф и Ванг Ји на специјална церемонија потпишаа 25-годишен договор вреден 400 милијарди долари. Со ова е официјализирана новата, поцврста форма на јасна антиамериканска оска на Блискиот исток.

Станува збор за кинески инвестиции во десетици области, вклучувајќи банкарство, телекомуникации, пристаништа, железници, здравствена заштита и информатичка технологија.

За возврат, Кина би добила редовно снабдување со иранска нафта по многу разумна цена. Претходно беше откриено дека договорот содржи одредби за продлабочување на воената соработка, вклучително и заеднички тренинзи и вежби, заедничко истражување и развој на оружје и размена на разузнавачки информации.

Особена американска загриженост предизвикува најавената изградба на кинески пристаништа во Иран, вклучително и две долж брегот на Оманското Море. Едниот, на Јаска, непосредно пред Ормутскиот теснец, влезот во Персискиот Залив, кој ќе им даде на Кинезите стратешки поглед на водите низ кои поминува голем дел од светската нафта. Преминот е од големо значење за Соединетите држави, чија Петта флота е во Бахреин.

Кина веќе изгради голем број пристаништа долж Индискиот Океан, создавајќи ѓердан од погони за снабдување со гориво од Јужното Кинеско Море до Суецкиот канал. Иако имаат комерцијална природа, пристаништата може да имаат и воена вредност.

Бидејќи кинескиот претседател Си Џинпинг го објави договорот за прв пат за време на неговата посета на Техеран во 2016 година, преговорите започнаа многу бавно. Иран штотуку постигна договор со САД и уште пет земји за укинување на санкциите, а европските компании започнаа да брзаат со инвестиции и понуди за партнерство во развојот на полињата за гас и нафта, па Иран не сакаше да ги провоцира новите партнери кои пристигнаа со пари и понуди. Американското напуштање на договорот и политиката на „максимален притисок“ целосно го оддалечи Иран од Америка и го турна кон Кина.

Кога ова партнерство беше објавено во јули 2020 година, беше јасно дека ќе дејствува како адут за преговори за Техеран, бидејќи без оглед кој е во Белата куќа, тоа ќе му обезбеди на Иран простор за дишење. Доколку Соединетите држави не го оживеат договорот, беше јасно дека Иран ќе го финализира договорот со Кина под условите што ги бара Пекинг. Доколку САД го вратат договорот во статус кво состојба, без сомнение стратешкото значење на Иран би се зголемило и би можело да се постигне подобар договор со Кина.

Иранската страна повторно го забави склучувањето на договорот, чекајќи го резултатот од изборите во Америка. Бајден најави враќање на договорот, но по преземањето на Белата куќа, тој не беше доследен. Иранските лидери во јануари изјавија дека се подготвени да направат договор со новата администрација, но Бајден најави политика на условеност и постепено укинување на санкциите, што Иран категорично ја отфрли.

Договорот беше потпишан по конфликтниот состанок меѓу американската и кинеската делегација во Анкорџ, Алјаска, а потоа и минатонеделниот состанок меѓу Лавров и Ји, кој се одржа истиот ден кога американскиот државен секретар Ентони Блинкен се состана со министрите на НАТО за да разговара за мерките против „кинеската закана“.

Договорот е гест на незадоволство што ги обедини двете земји. Ова е прв одговор на Кина на американскиот „тон од висина“ во Алјаска, додека Иран не е задоволен од новото американско условување. Освен што Кина го потпиша договорот и покрај американското противење, има промена и во интонацијата на кинеските власти. Од неа се манифестира нова самодоверба, но и заштитен став кој укажува на целосна идентификација со другата страна. „Кина силно го поддржува Иран во одбраната на националниот суверенитет и националната гордост“, рече Ји на средбата со претседателот Рохани. Зад ваквите зборови, очигледно, стои свеста за нов сојуз или дури и нов светски поредок чиј чувар ќе биде Кина.

Ји веќе ги посети Саудиска Арабија и Турција, а по Техеран, ќе ги посети Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Оман. Тој оцени дека регионот е „на раскрсница“ и понуди помош во решавањето на регионалните спорови, вклучително и иранската нуклеарна програма. Кина е дури подготвена да биде домаќин на директни преговори меѓу Израелците и Палестинците, при што кинеската страна изјави дека „американската доминација во регионот ги попречува мирот и развојот“.
Американските власти во саботата рекоа дека не е важно „кој ќе го направи првиот чекор“ во враќањето на почитувањето на договорот, што сугерира дека Вашингтон го ублажи својот став во конфликтот со Техеран.

Израелските власти, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, се спротивставуваат на желбата на администрацијата на Бајден да се врати на договорот. Некои водечки израелски официјални лица повторно објавија можна воена акција против Иран во последните неколку месеци, што сега се чини како застарена опција и го отстранува маневарскиот простор за ликвидација на иранските воени команданти и нуклеарни експерти, што ги одбележа претходните две години.

Бидејќи геополитичката рамнотежа се префрла од Атлантикот кон Индо-Пацификот, поблиските кинеско-ирански врски ги нагласуваат геополитичките промени во Евроазија. Чистиот геополитички опортунизам е во прашање бидејќи Техеран бара поддршка од Пекинг во своите проблеми со Вашингтон и додека Кина се обидува да го избегне опкружувањето на американските сојузници, што Соединетите држави го започнаа претходните недели.

Постои и економски опортунизам – Иран е заинтересиран да стапи во контакт со новоформираната евроазиска моќ. Иран гледа на Кина повеќе од една деценија кога, за време на Махмуд Ахмадинеџад, кој ја започна програмата East View, Кина стана главен трговски партнер на Иран.

И двете земји наоѓаат заеднички јазик заради поврзаноста преку евроазиското копно и се гледаат себеси како централни за секој голем инфраструктурен проект или трговски патишта што се протегаат низ континентот. Исклучително важен геополитички тренд што ги приближува Кина и Иран е идејата за појава на мултиполарен свет. Двете земји настојуваат да ја ограничат американската моќ и се обидуваат да водат независна надворешна политика. Овој геополитички „лепак“ се покажа како значаен долгорочен мотив за обете земји, како и за другите земји надвор од американската орбита. Во овој поглед, ова може да биде знак за почеток на изградба на алтернативен кинески модел на глобални односи.

Поврзани вести

Цените на храната растат побрзо од приходите

Влатко Зорба

Што очекуваат инвеститорите од пролетта 2021 година?

Влатко Зорба

Од Турција до Италија: Паѓаат цените за сместување, вака земјите ги анимираат гостите