Сојузот на синдикати на Македонија денеска презентираше мобилна апликација која на работниците и граѓаните им овозможува преку користење на своите мобилни телефони да пријават прекршување на работничките права до Сојузот на синдикатите на Македонија.
Апликацијата нуди можност за Пријавување на прекршено право за себе и за друго лице, анонимно пријавување, директна комуникација со претставници на ССМ, следење на вести и совети од ССМ.
Апликацијата ССМ – мои работнички права е поддржана од Меѓународната организација на трудот и Европската Унија, преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог.
-Апликација е направена преку проектот за зајакнување на социјалниот дијалог кој заедно со МОТ, и со вакво ребрендирано делување на ССМ, е наша заложба, определба и предизвик за претстојниот период во кој ќе настојуваме на сите работници на кои им се одземени и нарушени работничките права да можат на време да пријават, а ние како ССМ да интервенираме за да не поминат роковите за жалби до Државниот инспекторат за труд, па подоцна и до судовите, посочи на денешната прес-конференција претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Мобилната апликација ССМ – мои работнички права можете да ја симнете на Google play и Apple app store.