Најголемиот американски цевковод, кој испорачува скоро половина од горивото за источниот брег, беше мета на хакери од групата „DarkSide“. Иако медиумите побрзаа да ја обвинуваат Русија за нападот, американскиот претседател Џо Бајден посочи на недостаток на докази за да ги поткрепи наводите.
Наводно, хакерите кои стојат зад минатонеделниот сајбер напад врз „Колонијал“, од компанијата изнудиле скоро 5 милиони долари, кои доставувачот на нафта бил принуден да ги претвори во криптовалута што не може да се следи. И тоа, според последните информации, се случило неколку часа по инцидентот.
Хакерите испратиле алатка за дешифрирање до операторот со седиште во Џорџија за да ја обноват работата на блокираната компјутерска мрежа по добивањето на откупот. Еден извор запознат со трансакцијата споделил дека алатката е премногу бавна, принудувајќи ја компанијата да продолжи да користи свои резервни копии за да го обнови системот.
Овие нови детали се во спротивност со претходните извештаи дека компанијата одбила да плати откуп за да може цевководот да продолжи да работи.
Неговото исклучување предизвика недостиг на гориво во Соединетите Држави, што ги натера луѓето да создаваат резерви од страв од идни прекини во снабдувањето.
ФБИ утврди дека цевководот бил целно нападнат.
Да потсетиме, група хакери кои го затворија главниот американски цевковод за време на викендот, јавно го признаа инцидентот.
Овој цевковод, долг над 5.500 милји (8.850 км), е клучен дел од нафтената инфраструктура во Америка, транспортирајќи околу 2,5 милиони барели бензин, дизел, мазут и авијациско гориво дневно. Цевководот ги снабдува главните аеродроми во САД, вклучувајќи го и Хартсфилд Џексон во Атланта – што се смета за најфреквентен во светот.
„DarkSide“ е хакерска група која инсталира малициозен софтвер и потоа изнудува пари од жртвите. Нивните напади не се типични за постсоветските држави.
Во средината на април Соединетите држави ги заострија санкциите воведени против Руската Федерација. Претседателот Бајден тогаш рече дека не може странска сила да се меша во изборниот процес или да вршат сајбер напади на нивна територија.
Бајден минатата недела исто така рече дека очекува дека наскоро ќе има можности да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.