CD PROJEKT Red (CDPR) објави нов трејлер за првата експанзија на Cyberpunk, наречена Phantom Liberty, со актерот Идрис Елба во главната улога. Експанзијата е опишана како шпионски трилер каде играчите ќе му помогнат на ликот на Елба.
Трејлерот ги прикажува настаните кои се случиле 7 години пред акцијата на самата експанзија. Тајниот агент Соломон Рид (Елба) е во воз кој заминува од Night City, откако таму бил испратен од разузнавачкиот аналитичар Сонг Со Ми, познат како Songbird.
Сонг изгледа отсутен за време на неговиот разговор со Рид, а наскоро дознаваме и зошто – Рид бил испратен во воз да биде убиен од група платеници. Седум години подоцна, Сонг и претседателката Розалинд Мајерс се во авион што се урива во населбата Догтаун во Night City, каде што е поставена експанзијата.
Иако самата игра нема да изгледа толку детално, фановите се воодушевени од неверојатните детали и приказна во трејлерот. „Кажете што сакате за CDPR, но тие пишуваат одлични приказни. Ова е еден од најдобрите трејлери досега“, „Cyberpunk трејлерите никогаш не ме разочарале“, „Ова е одлично, секоја чест на тимот што работеше на трејлерот“, се само неколку од коментарите на видеото.
Cyberpunk 2077: Phantom Liberty ќе биде достапен за играње од 26 септември, а веќе може да се нарача на Steam за 29,99 евра. Проширувањето доаѓа 5 дена по долгоочекуваното ажурирање 2.0, кое ќе го промени начинот на играње на Cyberpunk 2077.