СТАНДАРД life
БИЗЛАЈФ

Netflix ќе објави 70 оригинални филмови во 2021 година

Netflix ќе објави 70 оригинални филмови во 2021 година, се вели во соопштението на компанијата во вторникот, повикувајќи се на амбициозните цели на платформата за стриминг, откако кино-бизнисот останува во стагнација, пишува „Блумберг“.

На списокот на Netflix е вклучен еден од најскапите филмови до сега – акцијата „Red Notice“ во која играат Двејн Џонсон, Рајан Рејнолдс и Гал Гадот, како и продолженија на хит-романтичните комедии „The Kissing Booth“ и „To All the Boys I’ve Loved Before“. Стриминг сервисот исто така ќе понуди повеќе од десетина драми, вклучувајќи го и режисерското деби на Хали Бери со наслов „Don’t Look Up“, каде во главните улоги се појавуваат Леонардо ди Каприо и Џенифер Лоренс.

Иако режисерите, лојални на киносалите, беа против Netflix, платформата сега е едно од ретките сигурни студија. Netflix ја зголемува својата продукција бидејќи киносалите остануваат затворени во поголемиот дел од светот. Пандемијата им отежнуваше на конкурентските студија да ги објават своите проекти, а многумина ги одложуваа повеќето од своите хит-наслови сè додека киносалите не беа повторно отворени.

Netflix ја искористи предноста во 2020 година и објави нови филмови на режисерите Спајк Ли, Џорџ Клуни и Џина Принс-Бајтвуд за да ги забавуваат луѓето што останаа дома.

Стриминг услугата се прошири во последните неколку години под водство на продуцентот Скот Стабер, раководител на оригиналниот филмски оддел на Netflix. Под негово водство, платформата ги додаде акционите филмови Extraction, The Old Guard и Spenser Confidential на својата листа на драми, документарни филмови и романтични комедии.

Netflix ќе објави филмови во скоро секој жанр во 2021 година, вклучително и акција, хорор, комедија, трилер, драма, вестерн и анимација.

Во 2021 година, тимот на Стабер се очекува да објави вкупно 52 филмови на англиски јазик и уште 10 странски, како и осум анимирани филмови. Каталогот со вкупно 70 филмови не вклучува документарни продукции.

Акциите на Netflix во вторникот се тргуваа за нешто помалку од 500 американски долари, со што на компанијата и се даде пазарна капитализација од околу 220 милијарди долари. Акциите се зголемија за 67% минатата година, надминувајќи ги индексите Nasdaq 100 и S&P 500.

Поврзани вести

Најголемиот музеј во светот „во минус“ од 44 милиони евра

Влатко Зорба

Трик што го полуде целиот свет: Со вадење пликови, заштедувате 5.000 евра за една година

Влатко Зорба

Глобалните приходи од туризам оваа година може да пораснат за 50 проценти

Влатко Зорба