СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Берлин вади „голема базука“ против коронавирусот

Германската влада дава пакет од 750 милијарди евра финансиска помош за економијата. Една од мерките предвидува државата да доплати за оние работници, кои минале на скратено работно време или едноставно немаат што да прават, бидејќи нивниот работодавец не може да произведува.

Државата станува косопственик во компаниите

400 милијарди евра се наменети за гаранции за компаниите, кои може да станат несолвентни. Уште 100 милијарди државата има намера да инвестира директно во приватни компании и со тоа да стане косопственик. По завршувањето на кризата, овој удел повторно ќе се приватизира. Други 100 милијарди евра се наменети за програми за итни заеми.

Берлин, исто така, е загрижен за нешто друго: дека германските компании можат да бидат откупени за ништо со шпекулативен капитал. Владата е решена да ги заштити германските претприемачи од оваа опасност.

Под чадорот за спасување од 750 милијарди државни пари може да се скриат компании со повеќе од 249 работници и годишен биланс од повеќе од 43 милиони евра и обрт од повеќе од 50 милиони. Предвидено е помал фонд од 50 милијарди евра за помалите претпријатија – ќе имаат корист занаетчиите, мајстори, малите сметководствени и услужни компании, таксистите, уметниците. Работодавците со најмногу 15 работници ќе добијат 15.000 евра како додаток во текот на три месеци.

„Кризата може да се развие многу полошо“

Клеменс Фуст, претседател на еден од највлијателните економски институти во земјата, минхенски „Ифо“, ги поздравува владините мерки.

Сепак, тој верува дека тие не се доволни за да ги спречат штетите. Според него, проблемот е што целата економија моментално замрзнува, а државните пари не можат да ги надоместат огромните загуби. Институтот „Ифо“ се обиде да го пресмета нивото на овие загуби и разви неколку сценарија.

„Ако релативно брзо излеземе од сегашната економска парализа, загубите ќе бидат под 6 проценти од БДП“, рече Фуст. Во моментот, германскиот министер за финансии исто така смета дека загубите ќе бидат околу 5% од БДП, што значи за 35 милијарди евра помалку од даночните приходи.

Но Фуст предупредува дека кризата би можела да биде уште полоша. Ако економијата остане „замрзната“ три месеци и потоа се „одмрзнува“ со месеци додека не го достигне нормалното ниво, тогаш во ова сценарио е можно до 20% од БДП. Според Фуст, Германија мора некако да се справи со огромните загуби без истовремено да ја занемари борбата против епидемијата. Ова не е лесно, но треба да развиеме соодветни стратегии, затоа што ако економската парализа трае подолго, нема да помогнат владините финансиски инјекции, смета економистот.

Ќе има многу банкроти

„Во рамките на споменатите стратегии, на пример, луѓето треба масовно да се тестираат за коронавирус и на целото население треба да им се обезбедат маски. Сите јавни места мора да бидат дезинфицирани. Некои земји од Источна Азија ни покажаа како работи сето тоа. (…) Ако употребата на заштитни маски се воведе низ целата земја, ние ќе можеме да ја заживееме економијата многу побрзо, а епидемиолозите се согласуваат со тоа“.

Фуст зборува и за друг ефект што сите го очекуваат по кризата: копмензаторска потрошувачката – нагло зголемување на потрошувачката за да се надминат намалените набавки. Сепак, тука има и проблем затоа што веќе ќе се случат многу банкроти во земјата, потсетува тој. И како резултат, солвентноста на луѓето очигледно ќе се намали.

Поврзани вести

Кинеската „инвазија“ на Европа – во бројки

msp-admin

Дали Ковид-пасошите овозможуваат или ја попречуваат слободата на движење?

Влатко Зорба

Трамп го стави својот бизнис во криза, непосредно пред да му се врати

Влатко Зорба