СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Ангеловски: Угостителите трпат големи штети, тешко ја пребродуваат кризата со понудениот пакет мерки

Туристичко угостителската комора спроведе истражување за состојбата со која се соочуваат угостителите во изминатиот период од почетокот на здравствено – економската криза, како и за мерките кои се преземаат од Владата за ублажување на последиците во секторот. Угостителствoтo е еден од најпогодените сектори во земјата, кој од средината на месец март годинава со уредба од Владата беше затворен, се со цел превенција од вирусната инфекција.

Мартин Ангеловски потпретседател на Туристичко угостителската комора истакна дека во истражувањето учествуваа мали и средни претпријатија од сите градови во земјата.

„Генералната слика е дека угостителите трпат големи штети од пандемијата, тешко ја пребродуваат кризата со понудениот пакет економски мерки, а голем дел од нив нема да се во можност во целост да започнат со работа и по олабавување на мерките и можноста да ги отворат своите капацитети.

По однос на тоа дали угостителите се подготвени да започнат со работа со половина од расположивите капацитети односно според најавата со скратено работно време и ограничен простор за работа, 59% одговориле потврдно дека се подготвени, додека 41% дека не се подготвени за делумно функционирање.

На прашањето дали се информирани за безбедносните мерки кои треба да ги применат при отпочнување со работа, а поврзани со превенција на вработените и гостите од Ковид 19, вкупно 78 % одговориле дека до сега не добиле односно немаат информации за посебни безбедносни мерки за работа, а 22% одговориле потврдно“, изјави Ангеловски.

Во однос на економските мерки, на прашањето дали се задоволни од понудената мерка на Владата да даде поддршка, во висина од 9.000 денари или бруто плата од 14.500 денари, 95% одговориле дека не се задоволни, а само 5% дека се задоволни.

„Дополнително, 90% од угостителите одговориле дека за нив не е прифатливо што обврската по однос на ДДВ не е одложена за период од 6 месеци, по завршување на кризата.

93% од угостителите одговориле дека не се задоволни од тоа што нема мерка за одложувањето на плаќање на режиските трошоци, струја, вода, комуналии.

Воедно 70% од угостителите одговориле дека очекуваат дополнителна финансиска поддршка од страна на Владата по започнување со работа.

На прашањето дали Владата треба да преземе мерки во однос на подигнување на свеста на посетителите на угостителските објекти дека се преземени сите неопходни мерки за заштита и безбедност, 69% сметаат дека Владата треба да спроведе кампања со прецизни инструкции за заштита на вработените и гостите од Ковид 19“, изјави Ангеловски и додаде дека како резултат на моменталната состојба на пазарот и мерките кои се преземени, 60% од угостителите би продолжиле со работа со истата дејност, а 40% се изјасниле негативно.

Истражувањето ја отсликува реалната состојба со секторот угостителство, за која угостителите алармираат уште од стартот на пандемијата. Во таа насока, во периодот што претстои, почеток на работа на угостителските капацитети, од исклучителна важност е засилување на дијалогот со релевантните институции, континуитет во информациите и дискусија со претставниците од секторот пред да се донесат идни мерки.

Поврзани вести

На 31 мај истекува рокот за потврда или корекција на Годишната даночна пријава

Акцизата на нафтата се зголемува за три денари

Берта Китинска

„Стоп за грабежот“: Ветинг на судиите и враќање на извршителите во судот

Берта Китинска