СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Азески: Вакцините на Вучиќ го обединија западнобалканскиот бизнис

„Претседателот Вучиќ со минатонеделниот потег стави печат на позитивниот однос кон бизнис-заедницата на Западен Балкан и сврти нова страница во нашата соработка. По сето тоа конечно сфативме што ни зборуваат западните сојузници 30 години: „Насочете се кон регионот и развивајте го бизнисот!“, пишува во својата редовна колумна Бранко Азески, Претседателот на Стопанска комора на Северна Македонија.

„Ние цело време се правиме дека не разбираме англиски, а ги сонувавме Брисел и Вашингтон, прескокнувајќи ги нашите соседи, па бележевме пад во трговската размена, меѓусебен визен режим (Босна и Херцеговина и Косово), кршење на договорот ЦЕФТА (Босна и Херцеговина и Србија) и секојдневни тензии и пречки. Во таква ситуација, потегот на претседателот Вучиќ да им подари 10.000 вакцини на бизнис-заедниците од шесте западнобалкански држави, организирани во Коморскиот инвестициски форум, дојде како вест за конечно разбирање на евроатлантските пораки: „Да, ние конечно разбравме што мислите кога зборувате за регионот и за бизнисот“. Токму затоа, раководството на Србија заслужува посебна почит. Можеби чинот е симболичен, можеби е пресметан, но зошто да не веруваме во тоа дека е искрен и човечен? Токму тука треба да се прекрши балканскиот менталитет и да се ослободиме од постојаните сомнежи и од барањето заднини и непријатели“, вели Азески.

Нашиот народ добро рекол: „На подарен коњ забите не му се гледаат“, на што Грците веднаш би рекле: „Не верувајте им на Данајците и кога дарови ви носат“. Меѓу тие две изреки треба да се смести балканското минато, а иднината да се гледа во двата волшебни збора: РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА И БИЗНИС. Коморскиот инвестициски форум мора да стане предводник на новите процеси и мора да иницира модерни алатки, кои ќе ја надградат минатонеделната акција, која беше поздравена од сите добронамерни луѓе, посочува претседателот на СКСМ.

„Изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев дека на некој начин треба да ѝ се оддолжиме на Србија за ваквиот потег е, исто така, за поздравување, што ја потврдува тезата дека подадената рака во критични моменти побудува позитивни чувства, кои нам ни се прекупотребни, па макар биле и симболични“, додава тој.

Поврзани вести

Економската криза создадена од пандемијата на Ковид 19 би можела на глобално ниво да остави 25 милиони луѓе без работа

23 милијарди денари наменети за капитални инвестиции во 2021 година

Влатко Зорба

НУК: Сертификатот „ЧИСТО И БЕЗБЕДНО“ е од посебно значење за угостителите за време на пандемијата и за постковид периодот

Влатко Зорба