СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Бектеши: Финансиска помош од 20 милиони евра за фирмите кои ќе влезат во инвестиција за време на кризата

На приватните компании кои продолжиле да работат за време на коронавирусот и да инвестираат во нивниот раст и развој, подобрување на конкурентноста и модернизација на процесот на производство ќе им бидат достапни 20 милиони евра како дополнителна државна помош за да се зголеми нивната ликвидност и да им се овозможи да започнат нови инвестиции. За ова Владата на барање на Министерството за економија на вчерашната седница усвои Уредба за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти.

Како што информира министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата, Министерството до петок ќе го објави јавниот повик на кој до 31 јули 2020 година ќе можат да аплицираат заинтересираните компании. Тие ќе треба да достават инвестициски план, тековна состојба на деловниот субјект, биланс на успех за 2019 година, пресметка на аконтациите на данок на добивка за март, април и мај 2020 година и меница.

Тој најави дека на денешната седница на Владата Министерството за економија ќе предложи да продолжи мерката за финансиска поддршка во висина на минимална плата од 14.500 денари.

-Целта на новата мерка е да се помогнат домашните компании кои ги изгубиле пазарите за повторно освојување на истите пазари, зголемување на нивната конкурентност, модернизација на процесите, зголемување на продуктивноста со што ќе се поддржат деловните потфати кои ќе придонесат за опоравување на економијата во земјата. Ќе се поддржи и реализација на инвестициски проект кој е започнат во март 2020 година, како и во пост КОВИД перодот, односно од јули до декември годинава, рече Бектеши.

Финансиска помош, потенцира, ќе можат да добијата сите компании кои работат во производството, освен компаниите кои се исклучени од ова можност согласно Законот за контрола на државна помош, што во текот на 2020 година имаат во реализација инвестициски проект или, пак, ќе изготват инвестициски проект што треба да се реализра во текот на 2020 и во 2021 година.

-Со Уредбата за разлика од Законот за финансиска поддршка на инвестициите дополнително им се дава можност да добијат средства и на сите компании кои се во дејноста трговија што ќе направат инвестиции во нивните основни средства и во нови објекти. Дополнилтелно им се овозможува и на ИТ компаниите да добијат финансиска поддршка доколку нивните инвестиции се за воспоставување на нова организациска единица за технолошки развој, истражување и развој на ново софтверско или хардверско решение, појасни Бектеши.

Висината на финасиската поддршка ќе изнесува 25 отсто од реализираната инвестиција според инвестицискиот план што ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40.000 евра за компании кои во 2019 година оствариле вкупен приход не повисок од еден милион евра, до 100.000 евра за компании кои имале вкупен приход од еден до 10 милиони евра, до 140.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход од 10 до 50 милиони евра и 200.000 евра за сите компании кои оствариле вкупен приход повеќе од 50 милиони евра во 2019 година.

-Компанијата која ќе добие финансиска поддршка има обврска до 31 јануари 2021 година да достави извештај за текот на реализација на инвестицискиот план со докази дека се реализира во рамките на инвестицискиот план за кој е исплатена инвестициската поддршка. Финансиските средства ќе се добијат во моментот кога ќе се аплицира со финансискиот план, а ќе се чека на реализација до крајот на наредната година, посочи Бектеши.

Поврзани вести

Ребалансот во Собрание: Граѓаните и фирмите ја очекуваат финансиската помош од четвртиот пакет мерки

Берта Китинска

Лукаревска: #МојДДВ ги покажува добрите резултати во и надвор нашата држава

Никола Поповски

Во кои земји најмногу извезува С.Македонија?

Влатко Зорба