Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на покана на „Институтот за менаџмент и бизнис Хајделберг”, се обрати на панел дискусијата „Економската ситуација во ЕУ, особено во Германија како земја партнер на балканските држави”, која се одржа преку видео конференциска врска, во рамките на „Балканска бизнис недела”, а на која покрај вицепремиерот учествуваа и министерот за финансии д-р Фатмир Бесими, гувернерката на НБРСМ, д-р Анита Ангеловска Бежовска, извршниот директор и претседател на бордот на директори на Стопанска банка, Диомидис Николетополус, заменик претседавачот на Комитетот за одбрана во Парламентот на СР Германија, д-р Карл Ламерс и претседателот на Хајделберг институтот, д-р Улрих Цајтел.
Вицепремиерот Битиќи, во своето обраќање на панел дискусијата посочи дека битката со КОВИД-19 е сè уште присутна во сите земји во светот, пришто искажа оптимизам дека со процесот на имунизација, со сигурни чекори се пристапува кон економското закренување. Најголемиот предизвик во борбата со пандемијата, рече вицепремиерот, беше да се одржи стабилноста на здравствениот систем, а истовремено да се минимизират последиците од пандемијата врз економскиот систем и да се задржат работните места на граѓаните, што е и направено со имплементација на шесте пакета економски мерки за поддршка на стопанството и граѓаните.
„Во однос на економската стабилност, имаме добро закрепнување на извозот, поради фактот што Северна Македонија најмногу привлекува бизниси со средна големина, не многу големи, што пак овозможува економијата да биде избалансирана и бизнисите да можат да излезат лесно од кризата и да се фокусираат кон закрепнување. Би сакал да истакнам дека позитивни се индикаторите во секторот автомобилска индустрија, во фармацевтски материјали и делови за електрични возила, како и во извоз на ИТ софтвер и услуги. Просечната плата бележи пораст од 6,8% во март годинава, а индустриското производство забележа и пораст од 46,1% во април годинава. Критичарите ќе речат дека овој резултат е постигнат поради лошата основа за споредба од претходната година, но во споредба со истиот месец во 2019 година, што историски е најдобрата година за индустријата на Северна Македонија, индустриското производство во април 2021 година падна само за околу 7%, што укажува на тоа дека сè уште не сме го достигнале нивото на 2019 година, но трендот е нагорен и очекуваме да го достигнеме и надминеме нивото на 2019 година на почетокот на втората половина на 2021 година. Најновите податоци за вработеноста на крајот на првиот квартал од 2021 година се исто така многу охрабрувачки. Стапката на невработеност падна на историско најниско ниво од 16,0%, додека стапката на вработеност втор квартал по ред се зголемува од 46,8% на крајот на 2020 година, сега имаме стапка на вработеност од 47,1% или апсолутно бројки во текот на првите три месеци од 2021 година кога целата светска економија сè уште беше погодена од кризата КОВИД-19, во Северна Македонија се отворија околу 3.500 нови работни места”, нагласи вицепремиерот.
Битиќи кажа дека Владата на Северна Македонија во изминатите години работеше и продолжува посветено да работи на унапредување на регионалните и меѓународните односи.
„Со гордост можам да кажам дека бевме сведоци на драстични подобрувања во регионалните и меѓународните односи, и иако сè уште има простор за надминување на некои прашања, ние дефинитивно се движиме во вистинската насока. Денес сме членка на НАТО, на пат кон ЕУ, нашиот однос со Обединетото Кралство и САД е стабилен, нашата валута е стабилна. Овие факти се клучни фактори за инвеститорите и ние сме многу горди што она што некогаш беше наш сон денес е нашата реалност – стабилно опкружување погодно и многу привлечно за странските инвеститор”, додаде Битиќи.
Вицепремиерот зборуваше и за идните планови на Владата, пришто се осврна на „Интервентниот план за инвестиции”, со вкупна вредност од околу 8,1 милијарди евра, а со кој се планира реализација на клучни проекти за создавање на одржлива и брзо растечка економија.
„Го објавивме нашиот инвестициски план за следните седум години, кој вклучува 3,1 милијарди евра инвестиции во зелена енергија, 2,7 милијарди евра инвестиции во патишта и железничка инфраструктура, 800 милиони евра инвестиции во производството, 300 милиони евра инвестиции во малопродажба, 500 милиони евра инвестиции во јавното здравство, 500 милиони евра во инвестиции во локална / комунална инфраструктура и околу 200 милиони евра инвестиции во туризмот. Тоа се вкупно 8,1 милијарди евра инвестиции. Нашиот план за инвестиции во следните седум години е фокусиран, тој е план да станеме подобра земја со почиста и позелена средина, со подобрена инфраструктура и подобри патишта, со посилен јавен здравствен систем, со подобрена и иновативна комунална инфраструктура и подобар систем за управување со отпад, и конечно, попривлечна туристичка дестинација, бидејќи туризмот беше една од индустриите што влијае на многу вработени, но исто така и на секој граѓанин. Сето ова ќе ја зголеми конкурентноста на нашата земја и на економијата”, потенцираше вицепремиерот.
Битиќи информираше дека во подготовка е и Национална развојна стратегија од 2021-2041, која треба да ги одразува меѓугенерацискиот, родовиот, меѓуетничкиот, меѓупартискиот и долгорочниот консензус за приоритетите на Северна Македонија, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за секого, особено за ранливите категории на граѓани.
„Овој проект исто така ќе ги открие и зајакне врските помеѓу сите други стратешки важни процеси што се случуваат во земјата, пред се интеграцијата во ЕУ и Агендата за одржлив развој 2030 и исто така ќе развие добра стратегија за комуникација и електронска платформа за вклучување на што повеќе клучни чинители во процесот. Во корелација со ова, би сакал да посветам извесно внимание на претстојниот проект на Единствен регистар на државна помош, што го започнавме на почетокот на оваа година. Регистарот на државна помош ќе биде единствената точка на контакт за информации за државна помош. Процесот ќе биде целосно дигитален и без хартија од почетокот до последната фаза – вклучувајќи информации, апликација и одобрување. Ова ќе придонесе за усогласување на планирањето и буџетирањето на државната помош. Компаниите и граѓаните ќе добијат транспарентен и отчетен систем на државна помош, со што ќе се минимизира субјективната перцепција и едностраната проценка”, информираше Битиќи.
На крајот на своето обраќање вицепремиерот ја истакна како клучна регионалната соработка помеѓу земјите од Западен Балкан, со крајна цел создавање на конкурентен и атрактивен регион за реализација на нови инвестиции.
„Би сакал да ја искористам оваа можност да го ставам во центарот на вниманието уште еднаш, важноста на обединувањето на Западен Балкан како еден регион, бидејќи силно верувам дека само заедно – можеме да постигнеме поголема конкурентност и да привлечеме повеќе инвестиции. Локацијата на Западен Балкан е многу привлечна, а овој регион има толку голем потенцијал да стане особено привлечна дестинација за инвестиции, но исто така заедно треба да работиме на создавање силни синџири на вредности и да го искористиме максимумот од нашата конкурентска предност, а тоа е близината од европските пазари.Поединечно, ние сме мали земји со големи аспирации, но заедно сме одличен регион со уште поголем просперитет. Заедништвото е клуч за успешноста”, заврши во своето обраќање вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.