Според професорот Борче Давитковски, приближувањето на локалните избори се главна причина поради која допрва не очекуваат масовни огласи за вработување во јавната администрација.
„Моја проценка е дека до крај на годината за неколкупати ќе биде зголемен бројот на вработени административци во однос на оној од минатата година“, вели Давитковски во разговор за „Стандард“.
Во однос на Годишниот извештај на Агенцијата за администрација каде се нотирани низа забелешки, меѓу кои најголемиот за постапките за вработувања на административните службеници вели дека забелешките се единствено од формално правна природа, со единствена цел да ја задскријат генералната слика, која всушност покажува дека надвор од сите правила се вработуваат партиски кадри.
„Станавме махери како да извитопериме добри норми“, вели Давитковски.
Министерот за информатичко општество и администрација изјави дека бројот на вработени во јавниот сектор во 2020 година, е за 3% намален во однос на претходната година. Дали ова значи конечно ставање крај на масовните вработувања во државните институции?
– Процентот којшто го посочи министерот е добиен само како последица на природниот одлив на вработените (заминувањето во пензија). Да не заборавиме дека се приближуваат локалните избори, што автоматски значи мултиплицирање на огласите за вработување, и тоа особено во сферата на локалната самоуправа. Моја проценка е дека до крај на годината за неколкупати ќе биде зголемен бројот на нови вработувања во администрацијата. Како континуиран проблем остануваат и огромниот број ангажирани во образованието и здравството. Таму имаме комплетно нелогична ситуација, бидејќи соодносот меѓу административните работници и наставниците, односно лекарите е пола-пола.
Годишниот извештај на Агенцијата за администрација во моментов е пред пратениците. Нотирани се низа забелешки, меѓу кои најголемиот број се однесуваат на постапките за вработувања на административните службеници.
-Нотирањата на недостатоците се единствено од формално правна природа.Наместо да се упростат постапките за вработувања, тие со административни механизми (како што се балансерот и функционалната анализа) се обидуваат да ја задскријат генералната слика, која всушност покажува дека надвор од сите правила се вработуваат партиски кадри.
Во истиот извештај стои дека комисиите за селекција на кандидати и Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, при спроведувањето на постапките од нивна надлежност се соочуваат со проблеми поради нејасни и непрецизни одредби од Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и подзаконските акти кои произлегуваат од овие закони.
-Целиот механизам на заобиколување на правилата е добро разработен, и единствено со цел вработување на соодветни партиски кадри. Принципот е следен: Доколку носителите на власта не успеат да вработат кадар од нивната партиска провиниенција, веднаш го поништуваат конкурсот со образложение дека има нејаснотии во законските одредби. Конкурсот се повторува, но овојпат со услови и критериуми кои одговараат на нивниот кандидат. Така на пример, ако се бара раководител на Одделение за човечки ресурси кој според Законот за административни службеници треба да има завршено правен или економски факултет, а партискиот кандидат има факултет за физичка култура, во Правилникот се вметнува нов услов- дека за бараното работно место е потребно високо образование, без да се прецизира кое. По потреба се менуваат и насловите на позициите. Станува збор за итарпејовски начин на работење со цел заобиколување на законите.Станавме махери како да извитопериме добри норми.
Агенцијата за администрација реагира и на тоа дека бројот на вработени за кои се донесени одлуки за избор по основ на припадност на заедница не се реални поради тоа што гоелм број на кандидати при аплицирањето на огласите ја усогласувале својата определба за припадност на заедница според предвидените барања.
-Праксата покажа дека многу припадници на другите етнички заедници, освен на албанската се декларираат како Албанци само за да се вработат во јавната администрација. Тоа покажува дека балансерот, односно вработувањето според рамковниот принцип не е во ред и не носи решение. Оттука, реакциите треба да бидат насочени во тој правец, а не кон кандидатите кои единствено се трудат да дојдат до вработување.
К.В.С.