СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Деспотовски: Сакаме инвеститорите да ги реализираат своите планови и тоа да го направат побрзо и подинамично (ВИДЕО)

Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, при денешната посета на фабриката Гентерм, која работи во ТИРЗ Алинци заедно со вицепремиерот Битиќи, изјави дека тие промовираат еден нов, подинамичен, понепосреден контакт и комуникација со инвеститорите.

„Овој нов квалитет во нашите односи, во односите на Владата со инвеститорите ќе продолжи и понатаму. Новиот квалитет го гледаме и во тоа што ги поттикнуваме компаниите не само да ги исполнуваат своите инвестициски планови туку да одат и побрзо со исполнување на роковите и во смисла на обем на инвестиција и во смисла на работни места, па дополнително она што е исто така многу важно и во смисла на зголемување на платите. Конкретно компанијата Гентерм е еден од позитивните примери коишто минатата година го достигна предвидениот број на работни места од над 2000 луѓе кои инаку по договорот за државна помош требаше да го достигне во 2024 година. Меѓутоа компанијата не беше сама во тој проект. Државата, Дирекцијата, Владата застана позади тоа и исто така пред време, значи 4 години пред истекот на рокот си го исполни својот дел на обврската. Со тоа испраќаме порака, јасно, до инвеститорите дека да, сакаме да ги реализираат своите сопствени инвестициски планови и тоа да го направат побрзо и подинамично”, нагласи директорот Деспотовски.

Директорот на Гентерм, Андриј Хафинетс истакна задоволство од соработката што компанијата ја има со централната и локалната власт, при што посочи дека мисијата на компанијата е создавање и испорака на уникатни термални решенија кои ќе направат значителна разлика во секојдневниот живот, по пат на подобрување на здравјето, удобноста, комфорот и енергетската ефикасност.

„Нашата компанија произведува продукти главно за автомобилската индустрија, вклучувајќи напредни технологии за грејачи за седишта и волани, вентилатори, создаваме и технологии кои ја подобруваат енергетската ефикасност за хибридните автомобили, вклучувајќи системи за управување на светлосната енергија кои се клучните двигатели на успехот на Гентерм. Во името на Гентерм, го цениме секое признание што го добиваме за нашите фер деловни односи со Владата и државните заложби со кои обезбедуваме добра деловна клима во регионот. Ги зголемуваме нашите производствени количини од година во година, а се зголемува и бројот на вработени. Во моментов компанијата брои над 2.000 вработени. Се надеваме дека бизнис климата ќе остане поволна и во иднина за да ни овозможи да продолжиме да растеме како дел од оваа заедница”, нагласи Хафинетс.

Поврзани вести

За прв пат после 23 години со карго транспорт, се извезе свежо македонско јагнешко месо во Јордан

Народна банка: Продолжува трендот на намалување на просечната каматна стапка

Во мај регистриран зголемен број на работни места од над 4,15% во ТИРЗ

Влатко Зорба