На денешната владина седница донесен е петтиот пакет економски мерки наменет за граѓаните и за компаниите, за стабилна и развојна македонска економија и за подобрување на ликвидноста на стопанството. Петтиот пакет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра.
На прес-конференцијата присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши.
Овој пакет директно се надоврзува на претходните четири, а има за цел да ја придвижи економијата кон нам познатите стапки на економски раст во распон од 4% до 5%, односно на динамиката на раст од пред пандемијата.
Кај повеќето мерки, поддршката ќе се користи до крајот на 2021 година со цел да имаат влијание и ефект врз економијата во текот на целата година.
„Мерките се донесени низ дијалог и партнерство со сите засегнати страни, исто како и изминатите четири пакети економски мерки, проследени со сериозни анализи од институциите.
Мерките вклучени во петтиот пакет ќе го заокружат процесот на директна поддршка, со што преминуваме во фаза на излез и закрепнување од економската криза предизвикана од пандемијата. Тоа значи дека доаѓаме повторно во време на стабилност и развој, состојба која со овие мерки дополнително ќе се стимулира. Со кредити со ниски каматни стапки и преку системски мерки согласно планот за раст на среден и долг рок, ќе биде поддржана економијата во целина. Очекуваме посериозни стапки на раст на БДП од вториот квартал на 2021 година.
Петтиот сет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра, од кои 91,7 милиони се директни буџетски трошења“, изјави Заев.
Мерките се распределени во 4 главни столбови:
1. Директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места на граѓаните во секторите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани.
2. Финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити за задржување и зголемување на бројот на работници.
3. Креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на пара-фискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки
4. Поддршка за граѓаните