Неправилното управување со отпадот во државата станува сериозен и сеопфатен проблем. Отпадот од секаков вид и потекло е расфрлан низ целата држава, или се депонира на диви депонии или пак е расфрлан во речните корита, ги затрупува каналите или се користи за горење. Сето тоа има директни последици по здравјето на граѓаните.
На ниво на држава сè уште не постојат регионални центри за управување со отпад, а во меѓувреме компаниите за третман на отпадот или за рециклирање пластика се единствените кои придонесуваат за подобрување на состојбата и чистење на отпадот.
Една таква компанија што нуди суштинско решение за проблемот со отпадната пластика во земјата е G&O Waste Solution. Лоцирана е во индустриската зона на Гевгелија и работи со постројка за третман на отпадна пластика. Процесот во компанијата започнува со примање на пластичниот отпад, а потоа истиот се селектира според различниот вид пластика, полипропилен, полиетилен, пластичен филм и слично. Вака селектираната пластика се балира и потоа компанијата ја продава на свои клиенти со кои соработува. G&O Waste Solution исклучиво работи на селекција и балирање пластика, што е целосно еколошки процес, често применлив во сите европски земји, па и во многу градови од нашето соседство и воопшто не ја загадува средината или пак предизвикува негативни ефекти по здравјето на населението.
Сепак, и покрај постењето на компании за управување со пластичен отпад, проблемот со пластиката е ниската свест на граѓаните за негативните ефекти. Многу луѓе се свесни за проблемот со отпадот, но не и за системот за правилно селектирање и рециклирање на отпадот.
“Јасно е дека спречувањето на производството на пластика и пластичен отпад не е возможно, но со сигурност можеме повторно да ја искористиме и рециклираме, односно она што G&O Waste Solution го прави. Потребна е едукација на населението со што дополнително ќе им укажеме на придобивките кои ние како граѓани ги имаме од рециклирањето на пластичниот отпад. Најдобриот систем за селекција на отпад што го видов во Македонија е градот Прилеп, бев изненадена и среќна, бидејќи тоа е одличен позитивен пример за рециклирање на отпадот и како тоа се прави. Сметам дека останатите општини треба да го следат нивниот пример. Од наша страна планираме да започнеме и со промовирање на рециклирање пластика”, вели Перизат Боронбаева, управител на компанијата G&O Waste Solution
Според неа важно е граѓаните да знаат дека рециклирањето може да го подобри животот, може да помогне да се спаси животната средина од загадување на воздухот, почвата, загадувањето на водата, да се намали количината на депониран отпад но и да создаде голем број работни места посебно во општините каде се лоцирани овие компании.
Во податоците на Државниот завод за статистика, вкупната количина комунален отпад во 2019 година изнесувал 915 943 тони и приближно 15% од ова е мешавина од пластичен отпад. Годишно се создава по 456 килограми комунален отпад по лице. Ова е навистина голема количина отпад, особено ако голем дел завршува на депониите, или расфрлан низ населени места, покрај речните корита или планини.