Денес во општина Богданци се официјализираше стартот на проектот за изградба на ветерен парк за продукција на електрична енергија од обновливи извори. Зад проектот, како инвеститори се јавуваат компаниите „Интеренерго“ (Interenergo) и „Тригал“ (Trigal) од Љубљана. За целосна изведба ќе биде реализирана инвестиција вредна повеќе од 40 милиони евра. Ветерна електрана “ВЕ Гевгелија“ е со предвиден капацитет од 30MW.
„Големо професионално задоволство ми преставува денешниот формален чекор со кој и официјално „Интеренерго“ ја започнува реализацијата на големиот проект “ВЕ Гевгелија“ во Богданци. По повеќемесечни преговори со Владата на Република Северна Македонија ги усогласивме сите детали со што се отвори хоризонт за почеток и имплементација на планот за изградба на овој ветерен парк. Тука, би сакал да потенцирам дека нашето корпоративно искуство во изведба на слични проекти е од големо значење и во таа смисла очекувам договореното да биде рализирано на време и во целост“, потенцираше Блаж Штерк, Извршен Директор на „Интеренерго“ д.о.о. Љубљана.
Во рамки на проектот, очекувано е производство на електрична енергија од обновливи извори, од околу 72GWh, што е доволно за снабдување на 18.000 домаќинства. При конструкција на ветерниот парк ќе се користи врвна технологија, а предвиден е ангажман на локални градежни компании кои ќе бидат вклучени во градежните активности, што дополнително ќе придонесе за развој на локалната економија.
Договорот за изведба и управување со ветерниот парк е од долгорочна природа и се базира на активна, „feed-in“ тарифа, што како механизам ќе придонесе за забрзан раст на инвестициите во технологиите за обновлива енергија.
„Интеренерго“ е веќе долги години присутна во Северна Македонија во рамки на пазарот за трговија со електрична енергија, но и преку реализација на проекти – обнова на јавно осветлување во Општина Радовиш и преку проектот за изградба на ветерен парк во Гевгелија.
Во ноември 2020 година, “Интеренерго“ и матичната компанија “КИ-Келаг Интеренационал“ (KI-KELAG International GmbH) потпишаа Меморандум за соработка со Владата на Република Северна Македонија. Со овој чекор, Потписниците го потенцираа својот интерес за долгорочна соработка, кој водено претставува основа за натамошни инвестиции на компанијата “Интеренерго“ и групацијата “Келаг“ на полето на енергетиката во Северна Македонија.
Со овозможување на трговски и енергетски услуги на македонскиот пазар подолг временски период, а сега и со првиот инвестициски проект во областа на обновливите извори на енергија, компанијата “Интеренерго“ ја заокружува понудата на целосното портфолио на услуги во Северна Македонија.