Во Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) лани биле успешно завршени 15.852 барања за легализација. Од стартот на процесот за легализација досега вкупно се впишани 264.488 легализирани објекти, информираат за МИА од Агенцијата за катастар на недвижности.
Со актуелниот Закон за легализација можеа да се легализираат дивоградби изградени до март 2011 година, а во роковите што се продолжуваа во два наврати беа поднесени 430 илјади барања за легализација. Во собраниска процедура веќе подолго време е Предлог закон со кој се предвидува нов рок за легализација на дивоградби за периодот од март 2011 до октомври минатата година, односно дивоградбите што не беа опфатени со актуелниот закон. Исклучок од можноста за легализација беа дивоизградените згради, надградбите на зградите, проширените тераси, како и дивоградбите во заштитеното подрачје на Охридскиот регион. За легализација требаше да се платат комуналиите плус казна од 50 проценти од износот за комуналии. Од ресорното Министерство најавенија промени на предложениот закон за легализација на дивоградби низ разговори со пратеничките групи и сите заинтересирани страни.
Во Катастарот во 2020 година вкупно биле примени 944.377 предмети, решени 944.318, а пренесени од претходната година 1.608 предмети. Вкупната бројка на останати предмети за постапување, како што велат за МИА, изнесува 1.667, од кои 1001 во Центарот за катастар на недвижности Скопје, а останатите 666 во 29-те катастарски одделенија низ државата.