„Обвинителството нема никакви докази против мене и мислам дека овој акт за носење наредба на обвинителството е изнуден од моја страна, бидејќи цело време инсистирам да бидам повикан од било која институција за да дадам свој исказ во врска со Еуростандард банка. Обвинението за перење пари во најмала мерка е смешно и не е издржано“, рече сопственикот на банката Трифун Костовски на денешната прес-конференција.
Во моментот на затворање на Еуростандард банка, посочи, на конто во готово имаше 27 милиони евра.
-Ако сум имал намера да перам или да крадам парти имаше илјада начини како можев тие пари да ги извадам. Не сум ни сонувал дека ќе ми ја носат банката во стечај. Парадоксот е што ние како поранешна филијала на Комерцијална банка не отидовме во стечај, а Комерцијална банка дели дивиденди и купува акции и понатаму се развиваат. Какво било партнерството ако едната банка цвета а другата оди во понор. Тоа се случи бидејќи рековме „не“ за девијантни работи. И десет пати да изгубам фирми тоа пак ќе го направам. Ако сум виновен уште утре ќе одам во затвор, не сум кукавица да бегам, рече Костовски.
Како акционер, додаде, мене и на мојот син ни се замрзнати имотите со цел, како што посочи, да не можеме да преземеме никакви мерки.
-До пари ќе дојдеме само ако го отуѓиме нашиот имот за да покренеме процеси надвор од земјата со цел да дојдеме до правдата. Во актуелните институции сакаат да ни ги ограничат сите финансиски и материјални средства за да не можеме покренеме било каков спор, истакна Костовски.