Финансискиот систем успешно им одговори на минатогодишните предизвици од корона-кризата. Високите регулаторни барања во периодот пред појавата на корона-вирусот и минатогодишните регулаторни мерки придонесоа за натамошното одржување на неговата стабилност, како и за негова подготвеност за натамошни предизвици. Имајќи предвид дека здравствената криза сѐ уште трае, регулаторите и натаму со особена внимателност ќе ги следат состојбите, приспособувајќи ги своите мерки и пристап заради превентивно делување за натамошно јакнење на финансиската стабилност, а со тоа и на отпорноста на системот на шокови.
Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто беа презентирани првичните видувања и податоци за остварувањата во минатата година и тековната состојба во одделните сегменти од финансискиот систем во земјата, во условите на корона-кризата. Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.
Осврнувајќи се на движењата во банкарскиот систем во 2020 година, гувернерката Ангеловска-Бежоска уште еднаш посочи дека тој успешно им одговори на минатогодишните предизвици од здравствената криза.
„Банкарскиот систем, во услови на исклучително непредвидлив амбиент, успеа да го одржи кредитниот циклус остварувајќи кредитен раст од 4,7%, којшто беше финансиран од солидниот депозитен раст од близу 6%. Овие остварувања се поддржани од солидната капитална и ликвидносна позиција на системот. Според првичните податоци, стапката на адекватност на капиталот на системот на крајот на минатата година се зголеми на нивото од 16,6%, а ликвидноста традиционално се одржува на солидно ниво со учество на ликвидната актива во вкупната актива од над 30%. Истовремено, квалитетот на кредитното портфолио се подобри, при што учеството на нефункционалните во вкупните кредити на банкарскиот систем е намалено на историски најниското ниво од 3,4%. Сепак, со оглед на тоа дека сѐ уште постои неизвесност од здравствената криза и нејзиното влијание врз реалниот сектор, неопходно е претпазливо однесување и постојано следење на можните неповолни преносни ефекти од реалниот врз банкарскиот сектор преку каналот на кредитен ризик.“ – истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.