На крајот на четвртиот квартал од 2020 година, јавниот долг на државата изнесува 59,5% од вредноста на бруто домашниот производ (БДП), што е помалку за 0,8 проценти поени (п.п.) во споредба со крајот на претходниот квартал, покажуваат податоците на Народна банка.
Ваквата промена, како што наведуваат од централната банка, произлегува од надворешниот јавен долг, којшто е намален за 1,0 п.п. и на крајот на кварталот изнесува 39,7% од БДП, при незначителна промена кај внатрешниот јавен долг, којшто изнесува 19,8% од БДП.
Вкупниот државен долг во четвртиот квартал од годината е намален во однос на крајот на претходниот квартал за 0,5 п.п. и изнесува 50,6% од БДП, додека долгот на јавните претпријатија (гарантиран и негарантиран)34 на крајот на кварталот изнесува 8,9% од БДП.
Добро е да се знае дека јавниот долг претставува збир од државниот и долгот на јавните претпријатија основани од државата, општините и општините во Градот Скопје и Градот Скопје, како и трговските друштва коишто се во целост или во претежна сопственост на државата или општините.