Да се воведат построги и посоодветни критериуми за претпријатијата кои ќе конкурираат за државна помош, бара Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) и апелира петтиот пакет неодложно да се донесе, да се прилагодат критериумите за пристап до заемите за ликвидност, како и да продолжи кофинансирањето на инвестициските активности на фирмите.
Најновото истражување на ОРМ спроведено со поддршка на ЕУ и Меѓународната организација на трудот, покажува дека 61 отсто од вкупно 246 претпријатија изразиле релативно незадоволство од видот и големината на владината подршка за справувањето со негативните ефекти од КОВИД-19. Најценета мерка, како и во претходната анкета меѓу членките на ОРМ, е субвенцијата на плата. Вкупно 46 проценти од оние кои се изјасниле дека ќе конкурираат и за петтиот антикризен пакет, кажале дека ќе се пријават за субвенционирање на платите, 16 отсто ќе конкурираат за грантови за посебни индустрии, додека 14 отсто за одложување на плаќањето на кредитите.
-Ако се субвенционираа изгубените работни часови поради платеното отсуство, болест, самоизолација, намален обем на работа, во периодот јули – декември 2020 оваа мерка ќе чинеше околу 19,7 милиони евра месечно, наспроти исплатените 28 милиони евра. Во тој случај ќе беа опфатени само вработените кои не одеа на работа, околу 84. 000, наспроти 117.000 вработени кои добиваа помош со субвенционирањето на платите, наведува ОРМ.
Според истражувањето, во периодот октомври – декемви 2020 година состојбата со континуитетот на работење на претпријатијата, нивната финансиска стабилност, статусот на работната сила иефективноста на тековните владини мерки, е нешто подобрена во однос на април – јуни. Во овој период продолжиле со работа 83 отсто од компаниите за разлика од април – јуни кога работеле само 22 процента. Над 50 отсто од анкетираните истакнале дека главните оперативни предизвици се отсуството на вработените од работа поради болест или поради владините уредби, големиот пад на побарувачката за производите на претпријатието и задоцнетото плакање од страна на купувачите.
-Слично на првата анкета, мал број на компании, 12 отсо, отпуштиле вработени и тоа до 10 проценти од вработените. Голем број компании, 67 отсто, користеле работа од далечина и овој вид на работење една третина ќе продолжат да го пирменуваат, истакнува ОРМ.
Врз база на оваа анализа, Организацијата на работодавачи и предлага на Владата дека е неопходно да се донесе петиот пакет мерки зашто состојбата со пандемијата се уште не се подобрува и предизвикува големи проблеми во работењето на претпријатијата, да се развијат построги и посоодветни критериуми за квалификуваност на претпријатијата за добивање подршка кои ќе овозможат средствата да ги добијат компании на кои навистина и е потребна помош и истовремено да се намалат загубите поради неефикасна распределба на ресурсите.
-Затоа е потребно да се изнајдат ефикасни критериуми за одреден тип подршка. На пример, критериумот „пад на приходите“ не може да биде ефикасен за мерката „субвенционирање на плати“, туку платите зависат од бројот на изгубените работни часови поради ковид кризата, посочува ОРМ и додава дека според анкетата, претпријатијата се незадоволни од критериумот „задршка на вработените“ кој не ги зема предвид сезонските флуктуации на вработени, па така хотелите морале „фиктивно“ да ги вработуваат летните сезонски работници и да ги задржат до крајот на февруари 2021.
Претпријатијата исто така бараат да се прилагодат критериумите за пристап до заемите за ликвидност, бидејки, како што наведува ОРМ, овие заеми треба да ги користат компаниите кои имаат проблем со ликвидноста и се борат за опстанок, а не компаниите кои имаат раст на приходите (тие и без помош ќе преживеат).
-Неопходно е да се продолжи кофинансирањето на инвестициските активности на претпријатијата заради подобрување на нивната продуктивност, но неопходни се измени на критериумите кои беа наведени во Законот. Не може од компаниите да бараме во услови на КОВИД-19 да ги зголемат приходите или да го зголемат бројот на вработени. Во тој случај многу компании не би добиле помош, а го реализирале инвестицискиот проект за подобрување на техничката опременост, објаснува ОРМ.