Министерот за финансии, Фатмир Бесими и претставникот на Канцеларијата на УСАИД во земјава, Ерик Јановски потпишаа Договор за грант за партнерство за развој помеѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, во присуство на амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз. Станува збор за петгодишен Договор за грант за партнерство за развој, во рамки на кој Република Северна Македонија, во првата година ќе добие грант од 8,2 милиона долари за постигнување три развојни цели: зајакната економска конкурентност, зголемен придонес на младите во општеството и намалена корупција.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими на потпишувањето истакна дека САД е долгогодишен партнер и поддржувач на развојот на нашата земја. Тој посочи дека делиме заедничка визија за земјава, односно економски развиена, стабилна и инклузивна мултиетничка демократија, чија иднина е цврсто вградена во евроатлантските институции.
– Со договорот што го потпишавме денеска, УСАИД ќе даде поддршка за зајакната економска конкурентност, развојна цел којашто треба да придонесе за зголемена продуктивност, проширена интеграција на евроатлантските регионални пазари и зајакната безбедност и сигурност. Понатаму, ќе придонесе за поголема вклученост на младите во општеството, развојна цел насочена кон зајакнати економски можности и подобрени социјални вредности кај младите, како и намалена корупција, развојна цел со којашто ќе се дејствува кон зголемена отченост на јавниот сектор, но и зајакната култура на отчетност кај граѓаните – рече Бесими и додаде дека овие цели соодветствуваат и со стратегиите и заложбите на Владата, со што ќе се креира синергија и побрзо ќе се реализираат таргетите.
– Корупцијата го поткопува управувањето со државата, но и ја саботира економската конкурентност, ги субверзира можностите за младите и нивната иднина. Ова е причината зошто половина од поддршката на УСАИД преку овој Договор е наменета за борба против корупцијата. Преку овој договор, нашите односи со вас, како најнова членка на НАТО, веќе не се на релација донатор – примател на помош. Сега имаме редефинирани билатерални односи, како сојузници. Го поздравуваме овој напредок на земјата и придонесот што го има во НАТО алијансата, но и со нетрпение очекуваме еден ден да ја видиме Северна Македонија во улога на донатор – рече амбасадорот на САД, Кејт Мари Брнз.
– Преку УСАИД, Владата на САД од 1993 година има инвестирано повеќе од 830 милиони американски долари развојна помош за земјата. Договорот што го потпишавме денес ги регулира условите за нашата поддршка во текот на следните пет години, при што 8,2 милиона долари се одвоени за првата година. Но, да бидеме реални, вистинската цел на една држава е да стави крај на потребата од помош за развој. Затоа, со овој нов договор, нашите односи се преточуваат во едно стратешко партнерство, онакво преку кое земјата го презема и унапредува сопствениот развој. Ние сме горди на оваа поддршка и можноста да коинвестираме во вашите развојни приоритети, заедно со приватниот сектор, донаторите и граѓанското општество – рече претставникот на Канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски.
Кон реализацијата на овие цели, Владата на САД ќе соработува и со властите, централни и локални, но и директно со засегнатите општествени чинители, поточно стопанствениците и младите.
За Зајакната економска конкурентност, Владата на САД ќе соработува со приватниот сектор во насока на стимулирање на економската конкурентност и изнаоѓање иновативни решенија за поттикнување на регионалната интеграција.
Предвидени се и активности за поддршка на енергетскиот сектор на Северна Македонија, со цел да се подобри безбедноста, сигурноста и самостојноста на енергетскиот систем преку правна и пазарно ориентирана реформа и пристап до западни инвестиции и технологија. Преку активноста ќе ѝ се помогне на Владата да ги зголеми инвестициите во домашно производство на енергија и да ја намали енергетската зависност преку обезбедување техничка помош за спроведување физибилити студии.
Зголемен придонес на младите во општеството ќе се поттикне преку активности насочени кон поддршка на економските можности привлечни за младите; зајакнување на вештините за соодветни работни места и напредување во кариерата; и промовирање на самодовербата и граѓанските вредности кај младите, како што се лидерство, одговорност, законитост и стремеж кон остварување.
Се планираат и активности што ќе ги поддржат владините институции, приватниот сектор, граѓанското општество и граѓаните во борбата против корупцијата. Ќе се промовира отчетноста во работењето на јавните институции, а владините институции ќе се ангажираат на конструктивен начин во насока на подобрување на ефективноста и транспарентноста при трошењето на јавните средства. Воедно, треба да се земат предвид и активностите со судството и Владата со цел спроведување на етичкиот кодекс и подобрување на отвореноста на државните институции, агенции и локалната самоуправа како дел од Стратегијата на земјата за транспарентност.
САД преку УСАИД, од 1993 година досега, имаат инвестирано над 830 милиони долари во развојот на Република Северна Македонија. Владата на САД дава значајна поддршка на Владата на Република Северна Македонија при спроведувањето на активностите насочени кон економски раст, стабилност и зајакнување на демократските практики и институции.