Денеска Владата на Република Северна Македонија го разгледа и прифати Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година.
Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат создавање на нови работни места, поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот од работен однос е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради КОВИД-19, односно од 11 март 2020 година.
При имплементацијата на програмите и мерките за вработување, како и услугите на пазарот на трудот, ќе се почитуваат следните основни принципи: Справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на КОВИД-19; Принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или било која друга ранлива категорија на граѓани во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот; и Поттикнување на рамномерен регионален развој, во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во Република Северна Македонија.