СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Проекцијата за економски раст од 4,1 процент за годинава е реална, тврди Бесими

Приходната страна на буџетот има раст од 4,4 проценти, даночните приходи раст од 5 проценти, даноците се наплатени од 27,8 милијарди денари или се за 6, 2 проценти повисоки во однос на истиот период лани, изјави денеска на прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими.

– ДДВ-то е со наплата од 13,1 милијарди денари и е повисоко за 11,4 отсто во однос на првото тримесечје лани, данокот на добивка имa наплата од 3,1 милијарди денари и е на ниво повисоко за 5 отсто во однос на лани, увозните давачки се наплатени во износ од 1,870 милијарди денари и се повисоки за 10,4 отсто во однос на истото тримесчје лани, персоналниот данок на доход е на скоро исто ниво како и лани, со раст од 0,8 отсто и наплата од 4,4 милијарди денари и придонесите се наплатени во износ од 16,3 милијарди денари и се на повисоко ниво во однос на истото тримесечје лани за 3,3 отсто, нагласи Бесими.

Расходите се извршуваат редовно и во рамки на проектираното. Раст има и кај капиталните расходи кои се реализирани скоро со 4 милијарди денари или 16,6 отсто во однос на планираното за целата година.

Буџетскиот дефицит е понизок за 7,4 проценти во однос на првото тримесечје минатата година што според министерот се должи на добрата реализација на приходите.

– Остварено е пониско ниво на дефицитот како резултат на добрата реализација на приходите. Односно дефицитот е само 1 процент од БДП доколку се исклучат каматите односно примарниот дефицит е само 0,7 проценти од БДП, посочи Бесими.

Охрабрувачки, според него, се податоците во март кога наплатата на приходите е 17,3 милијарди денари или за 14,2 проценти е повисока во однос на истиот месец лани. Повисока е и наплатата на даноците за 19,5 проценти. Наплатата кај ДДВ-то е 29,5 проценти повеќе во однос на лани, раст има кај персоналниот данок за 12,5 проценти, а расте и наплатата на акцизите со 12,6 проценти и на увозните давачки за 46 проценти.

Проекцијата за економски раст од 4,1 процент за годинава, како што оцени Бесими, е реална.

– Ние сме реални и сме свесни за предизвиците кои ги носи пандемијата. Се уште сме во период кога пандемијата е активна на светско ниво и кај нас. И од тој аспект, ние работиме и ги следиме евентуалните ризици и предизвици што доаѓаат од пандемијата, но затоа нагласувам дека основа и предуслов за реализација и на планот за забрзан раст е заздравувањето на економијата. На тоа сме фокусирани секојдневно, истакна Бесими.

Поврзани вести

Оштетените штедачи од Еуростандард Банка бараат закон за обесштетување

Александар Петровски

Објавена Mапа на вработеност на Западен Балкан

Влатко Зорба

Бочварски: Завршуваме со изградба на 36 социјални станови во Виница

Влатко Зорба