Раст и кај депозитите и кај кредитите е забележан во декември минатата година. Според објавените податоци на Народната банка на месечна основа депозитите бележат раст од 3,4 отсто, а на годишно 9,5 отсто, додека кај кредитите растот е 1,9 отсто на месечно ниво и на годишно ниво шест отсто.
Во декември, вкупните депозити на корпоративниот сектор се зголемени за шест отсто на месечна основа, речиси во целост заради растот на депозитните пари. Годишниот раст на депозитите на корпоративниот сектор изнесува 14,6 отсто, при најголем придонес на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и депозитите во странска валута, додека краткорочните депозити во денари се намалени.
Кај кредитите на корпоративниот сектор, во декември, е забележано месечно и годишно зголемување од 3,3 отсто и 1,9 отсто, соодветно. Од аспект на валутната структура, кредитите одобрени во денари имаат малку поголемо учество во месечниот раст, додека годишниот раст во целост произлегува од кредитите во странска валута.
Вкупните депозити на домаќинствата, во декември 2019 година, се повисоки за 3,1 отсто во споредба со претходниот месец, главно како резултат на зголемените депозитни пари. На годишно ниво, стапката на раст изнесува 7,9 отсто и е резултат на растот кај сите компоненти, со поголем придонес на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута.
Во декември, кај вкупните кредити на домаќинствата е евидентиран месечен раст од 0,7 отсто, при што кредитите во странска валута имаат поголем придонес. Анализирано на годишна основа, кредитирањето на домаќинствата бележи раст од 10,5 отсто, при малку поизразен придонес во растот на кредитирањето во денари.