СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Реакции од синдикати и здруженија на граѓани за новите услови на мерката 14.500 денари

Владата презентираше нови, олеснети услови за мерката за финансиска помош за исплата на плати за месеците април и мај за вработените во стопанството, што треба да стартува за неколку дена. Реакции уследија од синдикатите и здруженијата на граѓани кои не се согласуваат со променетите услови што нудат можности за поголема флексибилност околу задржувањето на бројот на работници, наместо како претходно работодавачите да бидат обврзани да го задржат истиот број на вработени до јули.

Министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференцијата во Владата вчера појасни дека станува збор за подобрување на мерката за која се одвоени околу 100 милиони евра и со која се очекува да бидат опфатени 250.000 вработени. Новините, како што посочи таа, се направени во координација со Светската банка, која финансира дел од мерката, односно 50 милиони евра.

Според Ангеловска, во мерката се вградени сите предлози, критики, сугестии и барања од стопанството.

Но, олабавените услови за задржување на бројот на вработени предизвикаа револт кај синдикалните организации кои побараа одговорност од министерката и итна средба со неа.

– Доколку ова се реализира, тоа ќе значи десетици илјади нови невработени во пресрет на очекуваната економска криза и десетици илјади семејства во сиромаштија. Срамно е Влада која се нарекува социјалдемократска и која треба да се грижи пред сè за сиромашните и работниците да најавува вакви мерки, особено на два дена пред Први мај, Меѓународниот ден на трудот, што го сметаме за непочитување на овој празник и за навреда на работничките и работниците, истакнаа во заедничката реакција неколку синдикални организации и здруженија на граѓани.

Реагираше и Сојузот на синдикати на Македонија, кој смета дека во овие исклучително тешки моменти за државата и за работниците, не смее да се носат уредби под притисок на работодавачите и коморите, а на штета на работниците.

– Сојузот на синдикатите на Македонија ги потсетува Министерството за финансии и Владата дека давање на финансиска поддршка која на крајот на денот ќе се враќа од парите на работниците и преку даноците на граѓаните, не смее да овозможува намалување на бројот на вработени, односно државата да го финансира отпуштањето на работниците под притисок на работодавачите, истакнаа од Сојузот на синдикатите на Македонија.

 

Поврзани вести

Арсовска: Не ни треба „мал шенген“ со Србија и Албанија, туку реформи за влез во ЕУ

Влатко Зорба

Економијата број 1 во Европа насочена кон рецесија

Stefanija Kuzmanovska

С.Македонија најдобра во регионот според Индексот на економски слободи на „Херитиџ“

Влатко Зорба