СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Ребалансот на Буџетот пред финално усвојување

Во Собранието заврши амандманската расправа за ребалансот на Буџетот и од понеделник се очекува тој да се најде на дневен ред на собраниска седница. Со вториот по ред ребаланс на Буџетот за годинава практично треба да започне и имплементацијата на четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните и стопанството за излез од кризата предизвикана од Ковид 19.

Со вкупен износ од 470 милиони евра и 31 мерка, Владата ќе се обиде финансиски да ги помогне граѓаните, но и компаниите за да ја задржат ликвидноста и да го сочува секое работно место.

Очекувањата на Владата се дека со новиот сет мерки ќе се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, ќе закрепнат одредени дејности, а ќе се обезбеди и стабилност на социјалните трансфери и ќе се поттикне јавната потрошувачка.

Дел од новиот пакет мерки се платежните картички во износ од 6.000 денари кои ќе ги добијат  самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, пасивни баратели на работа и самостојни уметници… Платежни картички „Купувам домашно“ пак ќе добијат оние студенти кои беа заборавени со третиот пакет мерки.

За компаниите ќе бидат обезбедени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка, а продолжува и мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за вработените за која Предлог-законското решение веќе ја помина владината процедура и ќе биде доставено на усвојување во Собранието.

За разлика од претходно, сега, со новото законско решение, е предвидено компаниите со најголем пад на приходите, да добијат најголема поддршка за исплата на плати. Така, компанијата која има намален приход од над 80 проценти, ќе добие  финансиска поддршка за исплата на плати до 21.776 денари по вработен, додека компаниите со намален приход од 30 до 40 проценти, ќе добијат поддршка до 14.500 денари по вработен. За намален приход од 40,01 до 50 проценти предвидени се до 15.955 денари по вработен, за намален приход од 50,01 до 60 проценти до 17.410 денари, за намален приход од 60,01 до 70 проценти до 18.865 денари по вработен и за намален приход од 70,01 до 80 проценти до 20.320 денари по вработен.

Работодавачите ќе можат да аплицираат до 7-ми во месецот за претходниот месец, а корисници можат да бидат фирмите кои имаат најмалку 30 проценти пад на приходи од април до октомври спроедено со истиот период минатата година.

Поради злоупотреби од страна на работодавачите кои беа констатирани во изминатиот период, сега во законското решение предвидени се и заштитни механизми за платата да стигне во целост до работникот, односно во случај работодавачот да исплати помала плата, превидени се глоби до 10 илјади евра, во зависност од големината на правниот субјект.

Очекувањата се дека со оваа мерка ќе бидат поддржани 83.000 работни места на месечно ниво, односно вкупно 250.000 плати за последниот квартал од годинава.

За опозицијата, оваа мерка е задоцнета и нема да ги даде очекуваните резултати. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник Александар Николовски вчера изјави дека законот за субвенционирање на плати не е пристигнат во Собранието и оти тој не може да се изгласа за пет дена што значи дека компаниите нема да ја добијат финансиската поддршка за октомври.

– Има некои најави дека ќе стигне во понеделник или во вторник. Собранието да е нотаријат, а не Собрание, не може за пет дена да ја заврши работата. Ова е еден несериозен однос од страна на Зоран Заев и од страна на останатите одговорни, изјави Николовски за дневникот на ТВ Сител.

Од друга страна, вчера заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, порача дека граѓаните и стопанството не треба да се грижат и оти ликвидноста на Буџетот е добра.

– Вчера до доцна во ноќта, Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија ја завршија амандманската расправа во однос на ребалансот на буџетот. Мерките што Владата ги предложи, а кои се имплементирани во вториот ребаланс на Буџетот на 2020 година, се во насока на одржување на стандардот на населението во светло на економската криза што ја имаме во Европа и во целиот свет, а вклучително и во нашата држава, изјави Ковачевски.

Со четвртиот пакет мерки се опфатени и туристичките работници. За нив, се предвидени грантови во вкупна вредност од 1,9 милиони евра и поврат на туристичката такса за 2019 година. А, на барање на коморите, предвидено е намалување на парафискалните давачки.

Поврзани вести

Лукаревска: #МојДДВ ги покажува добрите резултати во и надвор нашата држава

Никола Поповски

Жито Лукс: Оперативната добивка зголемена за 118%

Влатко Зорба

С. Македонија влегува во проектите Терминал на течен природен гас Александропулос и Гасна централа Александропулос

Влатко Зорба