СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Шефот на СТО го најави своето заминување пред крајот на мандатот

Роберто Азеведо најави дека ќе се повлече од функцијата генерален директор на Светската трговска организација (СТО) кон крајот на август, која е потресена од сериозна криза.

„Одлуката е лична, семејна и јас сум убеден дека е во најдобар интерес на организацијата“, рече Азеведо во говорот пред членовите на СТО, истакнувајќи дека тој живее со својата сопруга во Женева додека неговите ќерки и мајка се во родниот Бразил.

Азеведо е на чело на СТО веќе седум години, а неговата оставка ќе го скрати неговиот втор мандат за една година.

Неговото повлекување се совпаѓа навреме со сериозна криза во меѓународната организација, како резултат на тензиите меѓу Соединетите држави и другите земји-членки.

Од декември минатата година, СТО не беше во можност да донесе конечни пресуди во трговските спорови затоа што САД го блокираа назначувањето на судии во апелационите тела.

Кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп бара обемни реформи во СТО, не прецизирајќи како тие треба да изгледаат и не прифаќа компромисни предлози поддржани од мнозинство од вкупно 164 членови на СТО.

Дополнителен проблем е што трговските тензии меѓу САД и Кина и Европската унија отворија прашања во врска со одржливоста на прописите за глобална трговија за кои се залагаат СТО.

Азеведо објасни дека ќе замине во август, така што потрагата по неговиот наследник нема да ги спречи подготовките за состанокот на министрите на СТО, на кој треба да се разговара за реформите на организацијата следната година.

„СТО можеби не е совршена, но таа е потребна. Таа нè штити од свет управуван според законот на џунглата, барем кога станува збор за трговијата“, рече Азеведо.

Европскиот комесар за трговија Фил Хоган ја пофали работата на Азеведо на чело на СТО, а призна и дека „неговата објава ни нуди доста време да избереме нов извршен директор кој ќе одговори на многуте предизвици на организацијата и ќе понуди одговори“.

Последиците од пандемијата од коронавирус бара итно планирање во иднина да се отстранат непотребните бариери во трговијата, се вели во изјавата на членот на Европската комисија.

Американскиот трговски претставник Роберт Лејтизер му се заблагодари на Азеведо за неговата работа.

„И покрај многуте недостатоци на СТО, Роберто ја водеше институцијата со достоинство и доверба. Ќе биде тешко да му се најде замена“, рече тој.

Поврзани вести

„Тривити“ прва македонска алатка за пазарот на труд

Берта Китинска

Пет совети како да станете побогати

Влатко Зорба

Вујчич именуван за член на Надзорниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје

Влатко Зорба