СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Царовска: Минималната плата ги покачи и останатите плати во државата

Вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска смета дека покачувањето на минималната плата ги дало очекуваните резултати, односно дека го стимулирало зголемувањето и на останатите плати, што според неа, може да се види од растот на просечната плата во државата.

– Сите мерки што ги презедовме заедно со сите социјални партнери, тоа се работодавачите, стопанските комори, синдикатите, беа со цел да се отвори спиралата и да се покачат платите. Тоа може да се види од тоа што просечната плата во нашата држава интензивно расте како што никогаш досега не било случај. Претходно имаше раст од 1,8 проценти, сега секоја година имаме речиси над 4,7 проценти раст на просечната плата. Ова укажува дека навистина интензивното растење на минималната плата доведува и до раст на просечната плата, рече Царовска, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Драчево, каде треба да се изгради градинка.

Таа нагласи дека изедначувањето на платите за кое говорат одредени анализи се однесувало само на првото покачување на минималната плата на околу 12 илјади денари.

– Потоа воведовме мерка што значеше раст на платите од 12 до 18 илјади денари за да може преку Буџетот компаниите да се поддржат да ги покачат платите. Видовме дека ги покачија платите без да ги искористат тие мерки. И последната мерка која што е за субвенционирање на придонесите беше целосно адаптирана на потребите на работодавачите, се со цел да се избегне таа урамниловка и видовме дека тие ги искористија. Повеќе од 107 илјади работници денеска добиваат субвенционирано плаќање на придонеси за нивните плати пораснат за до 6.000 денари и тоа не беше распонот само до минимална плата, туку сите плати да можат да пораснат до 6.000 денари независно во кој сектор. И се виде дека една четвртина како што проектиравме од вкупниот број на работници во реалниот сектор добија зголемување на платите согласно субвенционирањето, рече вицепремиерката Царовска.

Сметам, додаде таа, ако сите мерки се донесуваат и спроведуваат на ваков начин заеднички со социјалните партнери ќе добиеме и раст на платите, но и нема да бидат загрозени гранките што се критични во даден момент.

Вчерашните изјави на претставници на текстилната индустрија дека се во криза и најавите дека доколку се случи најавеното зголемување на минималната плата индустријата ќе згасне, за Царовска се предизборни предупредувања за да бидат реални и издржани програмите на политичките партии.

– Јас тоа така го разбрав вчера заради тоа што почакувањето на минималната плата на 14.500 денари што се случи како зголемување во декември е веќе апсолвирано. Јас разговарав и со стопанските комори и со работодавачите и тие велат дека оваа минимална плата е веќе апсолвирана, рече Царовска.

Ние како Влада, додаде таа, покажавме дека секое зголемување на минималната плата го правевме заедно со нив и секогаш наоѓавме начин како да ги поддржиме најранливите – овој пат со субвенционирање на придонесите, а минатиот пат директно со обезбедување на финансиски средства од Буџетот за да може да ги исплатиме компаниите коишто ќе имаат потреба од дополнување на нивните буџети.

– Сметам дека сега во наредниот период со нив дискутираме за техничко-технолошки развој во компаниите за да ја зголемиме продуктивноста. И ние никогаш нема да одиме во насока на зголемување на минималната плата ако не сме сигурни дека економијата може тоа да го издржи од една страна, но од друга страна нас ни требаат продуктивни компании коишто можеме да ги добиеме само ако вложиме во нивни техничко-технолошки развој и понатаму така да ја движиме нашата држава и економија, изјави вицепремиерката Царовска.

Поврзани вести

„Витило” со нова инвестиција од 10 милиони евра во земјава

Влатко Зорба

Втор пакет за помош од Владата: Помош за приватниот сектор со минимална плата или субвенции на придонеси

Берта Китинска

Костадиноска-Милошеска: Неразумна е идејата за зголемување на даноците кога има простор за кратење на непродуктивните расходи