Министрите и претставниците на владите на шесте земји од Западен Балкан ја поддржаа Декларацијата од Тирана за помош на обновување и раст на одржливиот туризам во регионот, на Регионална конференција на високо ниво во Тирана, по повод завршувањето на проектот на Советот за регионална соработка (РЦЦ) за развој и промоција на туризмот финансиран од ЕУ.
Декларацијата од Тирана предвидува позиционирање на туризмот како клучен стратешки сектор за регионално закрепнување на економијата и одржлив развој, координирање на отворање и продолжување на синџирот на снабдување на туристичката и патничката индустрија, како и овозможување на безбедно и непречено патување, се вели во соопштението на РЦЦ.
Генералниот секретар на РЦЦ, Мајлинда Брегу, објави дека следниот чекор е за периодот 2021-2024 година владите, индустријата, дестинациските заедници и другите актери да ги дефинираат приоритетите за спроведување на долгорочна и одржлива регионална визија за туристичкиот сектор.
Предвидена е и примена на усогласени здравствени и хигиенски протоколи со цел да се усогласи закрепнувањето и да се поттикне довербата на патниците, како и координација на промоцијата и информациите со цел да се изгради доверба во регионот како одговорна, сигурна и одржлива дестинација.
„Туризмот претставуваше 15 проценти од вкупниот БДП на регионот пред пандемијата, а регионалната соработка има потенцијал да биде непроценлив стимул за закрепнување“, рече Алесандра Визер, заменик-шеф на Генералниот директорат за соседство и регионален развој на Европската комисија и истакна дека ЕУ го смета Западен Балкан за привилегиран партнер.
Туризмот сè уште е меѓу најсериозно погодените сектори од пандемијата и само во првата половина на 2020 година, бројот на пристигнувања на странски туристи се намали за 75 проценти во споредба со 2019 година, додека сообраќајот во 2020 година беше на ниво од 35 проценти.
Тоа е огромен пад од 12 милиони посетители во 2019 година, што му донесе приход на Западен Балкан од 7,2 милијарди евра.