СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Тутунарите со нов протест покажаа дека остануваат на своите ставови и барања

Магистралниот пат Прилеп-Градско денес беше блокиран 2 часа од страна на тутунарите од Пелагонискиот регион. Тие се отсечни и остануваат на барањата за реален откуп, како и укинувањето на четвртата класа и реална цена за врвните берби.

Исто така тие побараа и официјалниот претставник од Сојузот на земјоделски здруженија да биде со нив и да ги поддржи.

„Целиот проблем ќе биде решен да отстапат откупувачите од четвртата класа и тогаш просекот ќе биде минимум 180-190 денари и реално да се ценат врвните берби. Му се заблагодаруваме на министерот за земјоделство кој брзо оствари средба со нас. Откупувачите го излажаа, прво министерот, а потоа и нас. Бараме и нашиот официјален претставник од Сојузот на земјоделските здруженија Менде Стомнароски да дојде и да биде со нас“, истакна Грујевски, инаку еден од тутунопроизводителите присутни на денешната блокада.

Од Иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари“ пак, побараа итно да се дадат гаранции дека сите пунктови и кај сите откупувачи ќе се откупува реално тутунот.

„Под итно да се дадат гаранции, тоа да го направи државата. Секаде, на сите пунктови и кај сите откупувачи во земјава исто да се цени тутунот, реално. И тоа веднаш, зашто ова може да излезе од контрола и да се создадат ковид-кластери. Затоа е важно решение веднаш. Нема да отстапиме и ќе одиме до крај да се реши маката на тутунарите“, посочи Игор Мирчески.

Инаку, по синоќешниот состанок во Прилеп со министерот за земјоделство, тутунарите останаа на ставот да протестираат, а од друга страна, да продолжи откупот на тутунот. Ќе се прави неделен пресек на текот на откупната кампања и на постигнатата просечна цена.

Поврзани вести

НБ: Немавме докази за перење на пари од страна на „Еуростандард банка“

Влатко Зорба

Новиот минималец ја донесе Македонија на второ место во регионот

Влатко Зорба

Цените на „црното злато“ на највисоки нивоа во последните две години

Stefanija Kuzmanovska