СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Што е во фокусот на петгодишната Стратегија за реформа на даночниот систем

Да се обезбеди поголема праведност во оданочувањето, подобра наплата на приходи, даночен систем кој ќе поттикне инвестиции и иновации а со тоа и економски раст, поголема даночна одговорност (подигнување на свеста за потребата за плаќање даноци), повисока даночна транспарентност, поголем квалитет на услугите, дигитализација и зелено даночење, се приоритети на петгодишната Стратегија за реформа на даночниот систем, за која денеска беше организирана јавна дискусија во Министерството за финансии со институциите, бизнис, експертската и невладината јавност, на која присуствуваше и министерот за финансии Фатмир Бесими.

Министерот Бесими во своето обраќање истакна дека ковид-кризата носи голема доза на неизвесност, но сепак неизвесноста и ризикот може да се намалат доколку се идентификуваат сите можни сценарија и се подготви соодветен одговор на нив.

“Стратегијата за реформа на даночниот систем е составен дел на пошироката среднорочна политика на забрзан раст. Таа ги утврдува генералните насоки за реализација на приходната страна на буџетот и внимателно дизајнирање на даночното оптоварување. Како да постигнеме некои од суштинските цели, односно намалување на неформалната економија, намалување на економската нееднаквост, надминување на тешкотиите во собирањето на јавни приходи, адресирање на софистицираните техники за избегнување и затајување на даночните обврски, како и одговор на предизвиците за заштита на животната средина и новите технологии и воопшто креирање на даночен систем кој ќе ги поддржи инвестициите и иновациите, а со тоа и економската актовност и забрзан раст. Целта на оваа Стратегија – во синергија со другите стратегии и политики – е да понуди одржливи решенија за овие проблеми“, рече Бесими.

Од аспект на поголема праведност во оданочувањето на дискусијата беше посочено дека главниот фокус ќе биде воспоставување вертикална праведност.

Исто така, беше истакната потребата од зголемување на свеста на даночните обврзници да ја исполнуваат својата обврска како и бенефитите од истото.

Во насока на обезбедување на поголема транспарентност предвидени се активности за размената на информации помеѓу даночните органи и други субјекти, која во прв ред ќе се заснова на електронски услуги. Истовремено ќе се подобрува и квалитетот на услугите на начин кој ги поедноставува и забрзува постапките и го намалува административниот товар. Во таа насока ќе се реализира и приоритетот за дигитализирање на процесите.

Врз основа на Стратегија, беше наведено, предвидено е секоја година да се прават акциски планови со конкретни мерки за дејствување.

Поврзани вести

Сојузот на стопански комори на Македонија е против предлогот за зголемување на акцизата на горивата

Повторно се враќа можноста сметките да се платат во Пошта, овојпат со пониски провизии

Ангела Веселиновска

Бежоска: Постои висок степен на усогласеност на домашната регулатива за работењето на Народната банка со европската

Влатко Зорба