СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Узунов: Треба да се стави крај на давање заеми за спасување и да се дава помош за закрепнување

Професорот Ванчо Узунов е меѓу ретките во државата кој јавно го изговори она што многумина во затворени кругови го коментираа – а тоа е дека треба да почне  да се надминува седењето дома или „работа само од дома’’. Соодветно на неговиот профил на човек со директен став без многу допирни точки со комформизмот, тој за „Стандард“ вели: „Мислам дека е време да почнеме да размислуваме дека кризата треба да почне да поминува’’.

Секако, ова според него не треба да претставува спротивставеност на постоечките заштитни мерки, туку логичен одговор на прашањето за тоа колку долго нашата економија може да ја одржува постојната состојба. А таа, според него, во меѓувреме мора да почне и да се менува, бидеќи како што вели: „Нашата идна „нова економија“ ќе биде поинаква од онаа што ја знаевме од пред пандемијата. И тоа поинаква во структурна смисла“.

Во блиска иднина други дејности и гранки на економијата, и на друг начин на организирање на работењето на економијата, на фирмите, на институциите и сл., а не тие што ги знаевме, „ќе (треба да) бидат наше секојдневие’’. Како неопходност го посочува фактот дека овој процес треба да оди паралелно со закрепнувањето на економијата и вели: „Според мене, не може и не треба да се чека прво да помине пандемијата, па ќе видиме што ќе биде и како ќе правиме. Тоа е многу погрешно. Време нема ниту за жалење и сентимент, а не па за чекање’’.

Сугерира потреба од промени и во досегашниот модел на помош за компаниите од страна  на државата во форма на заеми. „Треба да се стави крај (освен ако не произлезе да биде сосема неопходно) на давање заеми за спасување, а треба да се дава помош за закрепнување’’, заклучува Узунов.

Почетокот на процесот на вакцинација го зголеми оптимизмот и кај граѓаните и кај економистите за остварување на економски раст. Владата вели „ни претстои период на заздравување”. Колку сте и Вие оптимист дека БДП ќе влезе во позитивни води?

-Се разбира дека согласувам со ставот, дека решавањето на економската криза е директно поврзано со решавањето на пандемијата. Бидејќи економската криза е произлезена од „затворањето“ на економијата што се направи како последица на пандемијата, логиката вели дека совладувањето на кризата ќе оди по обратниот редослед: решавање на пандемијата, па решавање на економската криза. Меѓутоа, тука се испречуваат и други моменти.

Прво, во однос на брзината на вакцинирањето, т.е. во однос на (по)рамноправното распределување на вакцините, гледаме дека целиот свет затајува, исто како и за бројни други работи. Второ, факт е дека дел од населението со текот на времето – а сите сме согласни дека и досегашното времетраење на пандемијата е многу долго – стекнува имунитет, со тоа што бројот на тие луѓе не може да се определи точно. Трето, тука се надоврзува и прашањето за тоа колку долго нашата економија може да ја одржува постојната состојба. Ниедна економија во светот не може да опстојува во кризна состојба бесконечно долго време само со едноставно настојување за намалување на нејзините последици. Во таа смисла, со текот на времетраењето на една пандемија и оттука произлезена економска криза, се менува и „калкулацијата“ за исплатливоста на жртвувањето на економијата. Ниту случајно не сакам да кажам дека човечките животи, со текот на времето, стануваат помалку битни! Туку, дека калкулацијата на ризикот за разболување на одделни луѓе со некакви очекувани последици е поинаква. Кажано со економски речник, факторот на дисконтирање на последиците од разболувањето, сега се става во поинаква релација со факторот на дисконтирање на последиците од неработењето (или намаленото работење) и со оттука произлезените негативни економско-финансиски последици во иднина. Колку и да ова некому ќе му звучи неразумно (да не речам глупаво), факт е дека е така.

Така што, во однос на дилемата дали се реални очекувањата дека се гледа крајот на економската криза, изгледа дека и уште подолго време нема да имаме сосема прецизен одговор. Затоа не сакам да бидам ниту нереален оптимист, ниту пак нереален песимист. Но, сепак мислам дека е време да почнеме да размислуваме дека кризата треба да почне да поминува. Секако дека треба и понатаму да останеме внимателни, секако дека уште долго време ќе треба да се почитуваат заштитните мерки (носење на маски, почитување на физичкото дистанцирање, забрана за одржување на „масовни настани“, свадби и сл.), но седењето дома, или „работа само од дома“ – тоа треба да се надминува.

Дали терминот „закрепнување” на економијата треба да значи дека економските параметри ќе се вратат на нивото пред пандемијата или ни е потребно рестартирање, прегрупирање , структурни промени?

-Според мене ова е суштинското прашање поврзано со закрепнувањето на економијата. Имено, многумина надминувањето на оваа криза – и во здравствена и во економска смисла – го набљудуваат (и замислуваат) во смисла на тоа: кога ќе се вратиме на тоа како ни беше пред пандемијата. Но, тоа е погрешно. Бидејќи, „враќање назад во иднината“ (back to the future) всушност нема да се случи! Да, еден ден ние ќе се вратиме на тоа пак да живееме нормално, повторно ќе се движиме и ќе работиме слободно каде и кога сакаме, повторно ќе имаме стапки на пораст на БДП, на животниот стандард и на сè останато како пред пандемијата, па дај боже и повисоки!, ама тоа „ново нормално“ сепак нема да биде исто со „старото нормално“. Туку, ќе имаме нова реалност.

Што значи таа „нова нормалност“ (колку и да звучи таа фраза изветвено)? Според мене, она што во суштина го промени оваа пандемија за многу голем дел од животот на луѓето и секојдневната рутина, стил и начин на живеење и работење, е енормно забрзување на промените што во секој случај ќе се случуваа, но значително побавно. Мислам дека огромен дел од новините што ги донесе оваа криза произлезена од пандемијата секако ќе ни се случуваа, ама ќе се случеа за време од десет до петнаесет години, а не за петнаесет месеци! Тоа е забрзување на промените за дванаесет пати, што е навистина многу. Во таа смисла, ние одамна знаеме дека во современово време важеше една максима која вели: „треба да трчаш за да стоиш во место“. Меѓутоа, сега стигнавме до тоа дека „треба дека трчаш спринт за да можеш да се надеваш дека нема да заостануваш многу“! Бидејќи брзината на технолошкиот напредок и промени, која што е неверојатно голема, ја диктира брзината на променување на животот кон новата реалност. Таков е овој „храбар нов свет“ – неубав, дехуманизиран, растргнат, сè е секогаш во конкуренција со други, за сè се бара подведување кон барањата на ефикасноста и слично, меѓутоа, од тоа нема бегање.

Затоа закрепнувањето на економијата и враќањето „во нормала“ нема да значи враќање кон тоа како што беше. Нашата идна „нова економија“ ќе биде поинаква од онаа што ја знаевме од пред пандемијата. И тоа поинаква во структурна смисла. Во блиска иднина други дејности и гранки на економијата, и на друг начин на организирање на работењето на економијата, на фирмите, на институциите и сл., а не тие што ги знаевме, ќе (треба да) бидат наше секојдневие.

Ако го имаме тоа во предвид – се разбира и ако го прифаќаме и се сложуваме со тоа – значи дека закрепнувањето на економијата треба да започне веднаш со промените што ќе бидат новата иднина. Според мене не може и не треба да се чека прво да помине пандемијата, па ќе видиме што ќе биде и како ќе правиме. Тоа е многу погрешно. Воопшто не се согласувам со тезата дека, од луѓе и „ентитети“ коишто живеат во криза и секојдневно се борат со нејзините последици, не може да се бара едновремено да прават и промени. Тоа е дефетизам и води кон пораз. Не, туку токму од луѓе и „ентитети“ (фирми, институции, организации) коишто живеат во криза и се борат со нејзините последици се бара и се очекува да почнат да прават промени. Време нема ниту за жалење и сентимент, а не па за чекање.

Дел од економистите го ставаат под знак прашање успехот на структурните промени, отворено критикувајќи ги слабите економски перформанси, ниската продуктивност, потфрлањето на клучните сегменти во буџетот, високата задолженост, образованието на далечина… Кои се механизмите кои можат да ги поттикнат позитивните процеси од една страна и дали и колку се подготвени компаниите за тоа, од друга страна?

-Критикувањето на досегашните резултати во однос на структурни промени, перформанси во однос на продуктивноста и тн. е најлесната работа. И не вреди никому, бидејќи не е ништо повеќе од констатирање на состојба. Она што е многу побитно, е да се каже каде и кон што треба да се движиме во иднина, како и начините како да стигнеме до тоа. А не гледам дека тие што критикуваат, даваат и одговори на наведените прашања.

Правецот и видовите на промени – структурни, или како год да ги наречеме – што треба да започнат веднаш и да ги прават сите се сосема јасни и познати. Сè што треба е да се научат „лозинките“ (често користените зборови) што служат за опишување на иднината, а потоа и да се види како тие промени да се спроведат. „Лозинките“ се: дигитализација, автоматизација, иновации, технолошки напредок, конкурентна способност, (по)високи квалификации, „зелена агенда“, енергетска ефикасност, … и тн. Тоа се промените што треба да ги правиме и насоките кон коишто треба да се движиме.

Останува уште прашањето како можат да се поттикнат тие процеси. Најкраткиот одговор на тоа прашање е – тешко. Но, исто толку краткиот контра-аргумент е – ама е неопходно (неизбежно). Затоа, прифатливиот одговор е – својата работа треба да ја одработи секоја „страна“ во својот домен. Владата во својот домен (со дизајнирање на мерки и програми за поттикнување на саканите промени), фирмите во својот домен (со превземање на анализи, а потоа и мерки и инвестиции во „својот двор“), ама и секој граѓанин во својот сопствен домен (со објективна анализа на своите перформанси, квалификации, начин како ги обавува работите и сл., а потоа превземање на лични „напори за подобрување“). Многу е битно да разбереме, како и да прифатиме, дека поттикнувањето на промените не е работа (само) на владата – како што сме најчесто навикнати да мислиме – туку на сите сегменти на општеството. Мислам дека самото тоа ќе биде голема промена. Знам дека многумина на ова искажување ќе реагираат со негативен став, ама со тоа нема да ја променат реалноста. Во современите општества промените не ги носат и создаваат (само) владите – ако некое општество е такво, тоа значи дека не е современо – туку сите структури во општеството.

Досега донесените четири пакет мерки , и според стопанствениците и според економистите, покажаа слабости во дизајнирањето и таргетирањето на мерките, ниска искористеност на парите и ефективноста од мерките. Стана пракса по секој сет донесени мерки, да има реакции  од типот дека предвидената помош била мала, дека некој е изоставен во мерките… Зошто е тоа така?

-За ниеден сет на мерки на ниедна влада никогаш не може да се каже дека е идеален. Секогаш може(ло) да се направи подобро. Меѓутоа, треба да бидеме и реални. Прво, добро е што имавме пакети на мерки. Второ, владата издвои (алоцира) онолку пари за помош колку што нашата економија можела да издржи, но мислам дека износот не бил недоволен. Бидејќи, ако бил недоволен, ќе имало потреба од повеќе пари, а не да остане неискористен дел од парите. Трето, дизајнирањето и таргетирањето на мерките се правеше и според нашите сознанија и според сознанијата и примерите на голем број други држави. Во дизајнирањето на мерките се прифати логиката, дека со помошта ќе се чуваат работните места, а со тоа и социјалниот статус на луѓето во општеството, што е исправно за нашата средина.

А, пак, во однос на таргетирањето на мерките, со оглед на фактот дека ова криза има изразито асиметрични ефекти за одделни сектори и дејности во економијата (најпогодени се оние дејности што се обавуваат со физички контакти со конзументите, а некои дејности, како ИКТ секторот, се всушност позитивно погодени), се појде од логиката да се поддржуват оние дејности што се најпогодени. Е сега, останале некои изоставени – тоа ќе го има секогаш, без разлика што да се направи. Ако се даде буквално на сите, тоа нема да чини на еден начин, а ако се даде само на некои, тоа пак нема да чини, но на друг начин.

Субвенционирањето на платите беше една од најбараните мерки а Владата при најавата на петиот пакет мерки рече дека е последен пат како се применува. До кога треба на фирмите да им се помага на овој начин? Дали со ваквата мерка тие се спасуваат или им се „затега врвцата околу вратот” бидејки заемот на крајот треба да се врати?

-Субвенционирањето на платите беше најбараната мерка, што е разбирливо, но таа мерка е типична како мерка за спасување, каква што беше логиката во минатата година. Затоа субвенциите беа давани со „клаузула“: да нема отпуштање на работници. Таков вид на мерка остана и во последниот (петтиот) пакет на мерки, но се промени нејзината логика, па сега „клаузулата“ е: фирмите да имаат добри/позитивни резултати. Тоа е промена на правецот – фирмите да почнат да размислуваат за закрепнување и за надминување на кризата. За мене тоа е добро, исправно и логично, бидејќи е мерка за закрепнување. А во однос на тоа дека субвенции за плати како мерка веќе нема да се користи, дај боже да нема потреба од тоа, што би се случило ако економијата навистина почне да се извлекува од кризата. Но, ако тоа не се случи, сигурен сум дека владата ќе продолжи да користи субвенции како мерка за спасување.

Но, битно е да почне да се менуваат очекувањата и на бизнисмените и на сите граѓани. Бидејќи, економијата и економските текови всушност се базираат на очекувања. Ако се тие позитивни, економијата ќе (може да) почне да се движи напред, а во спротивно, ако се очекувањата негативни, тогаш и да постојат услови за подобрување на состојбата и напредок, тоа нема да почне да се случува. Покрај тоа, бидејќи парите што се корстат за поддршка се финансираат со заеми, а тие заеми ќе треба да се враќаат, тоа значи дека треба (и мора) да се користат ефикасно. Затоа треба да се става крај (освен ако не произлезе да биде сосема неопходно) на давање заеми за спасување, а треба да се дава помош за закрепнување.

Велите дека економијата се базира на очекувања. Какви се вашите очекувања во однос на задолженоста, инвестициите, невработеноста во следните шест месеци?

-Со оваа пандемија и нејзините последици за економиите се сменија и конвенционалните параметри за задолженоста на економијата. Така, онаа позната „бариера“ на максимално-одржлива задолженост од 60% од БДП сега е релативизирана, па мислам дека во моментот скоро никој економист во светот веќе не се осмелува да зборува за оптимално ниво на одржлива задолженост на една држава.

Во однос на движењата на задолженоста и невработеноста кај нас во следните шест месеци, тие секако ќе зависат од состојбата со пандемијата, за што зборував претходно. Ако таа ситуација почне да се подобрува, ќе има подобрување и во однос на наведените параметри. Во спротивно, работите нема да почнат да се подобруваат.

Дали и колку актуелните политички случувања влијаат врз економската ситуација (РСМ е меѓу првите по високото ниво на корупција во регионот, нестабилно политичко мнозинсво во парламентот, нападите од страна на Бугарија, бегството на Сашо Мијалков, претстојниот попис и локалните избори)?

-Актуелните политички случувања секогаш имаат големо влијание врз економската ситуација. Ако се тие случувања негативни, и нивното влијание е негативно, па така е и во овој случај во РСМ. Врз некои од тие аспекти можеме да имаме влијание, но, за жал, врз некои работите не зависат (само) од нас. Јас не би имал што за тоа да коментирам повеќе.

Македонија се соочува со ниско ниво на странски инвестиции. Короната е секако една од причините, но во исто време останатите земји во регионот, особено Србија, или најавата за голема инсвестиција на Обединетите емирати во Албанија, се чини дека немаат проблем од овој тип…

-Не мислам и не се согласувам дека некои држави од регионот немаат проблеми во привлекувањето странски директни инвестиции во услови на Корона. Само се создава таков привид, но логички не е можно да не постојат никакви проблеми.

Што е за нашата држава тука најбитно? Говорев и претходно – да започнеме со структурните и другите промените што ќе ја отсликуваат „новата реалност“. Во однос на странските инвестиции, за РСМ е најбитно да почне да гради капацитет за вклучување на домашните фирми во таканаречените вредносни вериги на странските инвестиции. Само така ќе дојде до целосно искористување на развојните потенцијали од странските директни инвестиции, а ние на тоа требаше да работиме поодамна. Но, подобро некогаш, отколку никогаш. Затоа, со промените што ни претстојат, треба да се настојува максимално можно да се искористат тие потенцијали.

Во однос на вклучувањето на домашните фирми во таканаречените вредносни вериги на странски инвестиции и фирми, за РСМ е многу битен и аспектот на регионалната економска интеграција на Западен Балкан. Тоа е за нас многу голем неискористен потенцијал, што може релативно најбрзо и најлесно да биде искористен. Прво, многу е битно домашни фирми да станат делови, односно трајни кооперанти на постојни и идни нови регионални „брендови“ што ќе израснуваат. Второ, кризата од пандемијата на светско ниво доведе до два нови феномени, на англиски јазик познати како „reshoring“ и  „nearshoring“, односно се работи за процес на преселување на постојни фабрики и други капацитети од развиените држави што се наоѓаат како странски директни инвестиции во подалечни економии, кон поблиски економии/држави. Всушност, тоа е процес спротивен на процесот на „offshoring“.

Во таа смисла, се очекува дека одреден број на фирми од држави членки на ЕУ што имаат свои погони и фабрики во Азија (пред сè во Кина), да почнат со нивно постепено преселување кон поблиски дестинации, а една од нив ќе биде Западниот Балкан. Тоа ќе отвора процес на создавање на нови можности за ширење на бизнисите, па ние не би испаднале многу интелигентни ако ни се случи, да речече после десеттина години, со анализите заклучиме дека сме ги пропуштиле. Се надевам дека тоа нема да се случи.

Редакција Стандард

Поврзани вести

Европа ја предводи поддршката за првиот 5G IoT модем на Qualcomm

Stefanija Kuzmanovska

Од денеска нема повеќе онлајн „коцкање“

Берта Китинска

Деспотовски: Не може со 12.000 денари плата да очекуваме германска работна дисциплина

Влатко Зорба