Пораст на активното население во земјава се бележи во изминатиот период од 10 години. Статистиката покажува дека лани имало 964.014 работоспособни граѓани што е за 35.239 повеќе во споредба со 2009 година.
Најголем дел се вработени во преработувачката индустрија, трговијата на големо и мало, земјоделството и градежништвото. Речиси во сите сектори во последните три години има зголемување на бројот на вработени, освен во земјоделството.
И понатаму мажите се побројни на работните места во споредба со жените, иако се бележи зголемување на стапката на вработеност и кај жените од 8,7 процентни поени. Државниот завод за статистика во публикацијата „Северна Македонија во бројки“ објавува дека минатата година во земјава имало 477.437 вработени мажи во однос на 320.214 жени што значи дека за над 150 илјади е помал бројот на вработени жени во однос на мажите, иако во поглед на стекнатото образование, особено високото, процентуално на исто ниво се и мажите и жените.
Статистичките податоци покажуваат дека во земјава лани се евидентирани и 166.363 невработени лица од кои најбројни се оние кои долги години бараат работа. Такви се 78.388 лица. Сепак, оваа бројка е помала во однос на 2009 година кога имало 190.768 невработени лица кои подолго време барале работа.
– Стапката на долгорочно невработени лица во 2019 изнесува 13,1 проценти и во однос на 2009 година бележи намалување од 13,2 процентни поени, се наведува во публикацијата.
Најмногу од вработените се на возраст од 35 до 39 години, а најголем процент на невработени се младите на возраст од 25 до 29 години.