СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Во Собранието усвоен Законот за отпис на каматите и репрограмирање на долговите дадени на извршување

Отпишување на каматите за долгови дадени на извршување, кои граѓаните ги имаат кон државен орган, јавно претпријатие или установа на централно или локално ниво направени заклучно со 31 декември 2017 година, и можност за отплаќање на главниот долг на рати предвидува Законот за отпис на камати и репрограмирање долгови и трошоци на физички лица што беше усвоен во Собранието.

Согласно Законот, се овозможува отпишување на пресметани камати, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците кои произлегуваат од старите извршни судски предмети трансферирани/пренесени кај нотарите и извршителите согласно Законот за извршување заклучно со 31 декември 2011 година, како и предметите кои се дадени за извршување за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности и сродни дејности пред извршителите заклучно со 31 декември 2017 година.

Со овој Закон, донесен вчера попладне во Собранието,  доверителите  во државна или јавна сопственост со овој закон се должни да направат целосен отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг и трошоците во рок од три месеци од стапување во сила на законот. Доверителите кои се во приватна сопственост отписот на каматите како и репрограмирањето  на главниот долг и трошоците го вршат на доброволна основа.

Доверителите со отписот на каматите и репрограмирањето на долговите треба да ги информираат извршителите за прецизираното барање за извршување во рок од 30 дена од отписот на каматите. Со денот на стапување во сила на овој закон извршителите прекинуваат со присилно извршување на предметите.

Плаќањето на главниот долг и трошоците во постапките пред судот, нотарот и извршителот ќе се врши на месечни рати зависно од висината на долгот. За долгови до 10.000 денари на шест месеци, од 10.000 до 60.000 денари на 12 месечни рати, од 60.000 до 120.000 денари на 24  месечни рати, до 240.000 денари на 36 рати, а над тој износ на 48 рати.

 

Поврзани вести

Андреева: Потребно е системско поместување на роковите за финансиски извештаи по примерот на европските земји

Влатко Зорба

Буџетот на Министерството за економија за 2020 година ќе изнесува 591 милион денари

Влатко Зорба

Aмстердам, прв град во светот што ќе го имплементира моделот „крофна“

Stefanija Kuzmanovska