Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со в.д директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров, со кого разговараа за спроведувањето на тековните проекти и наредните планови и проекти на Фондот.
Битиќи, на првиот работен состанок со Петров нагласи дека изминатите три години, Фондот во потполност ја исполни својата функција, стана препознатлива институција која ги поддржува микро, малите и средни претријатија, а преку соодветните инструменти за поддршка значително ги олесни и забрза проектите за технолошки развој, креирање на иновативни решенија и дигитализација на компаниите. Преку 550 субјекти се во портфолиото на Фондот за иновациии и технолошки развој во овие три години, што е навистина одлична бројка, посочи вицепремиерот и додаде дека со ентузијазмот и меѓународното искуство кое го поседува Петров, очекува бројот на поддржани компании од година во година да се зголемува, што ќе значи побрз економски раст и развој на Северна Македонија.
Петров посочи дека максимално ќе се посвети ефикасно и ефективно да се искористат буџетските средства во Фондот. Тој нагласи дека нашата земја изобилува со млади, креативни и иновативни луѓе, а Фондот е вистинско место кадешто може да се обратат, да добијат стручна помош за развој на нивните проекти, но и финансиска поддршка за нивна побрза реализација. Микро, малите и средни компании, старт-ап и спин-оф, остануваат да бидат во фокусот на работата, со оглед на тоа што овие компании имаат огромен потенцијал за раст, како на приходи така и на бројот на вработени, што пак директно ќе влијае на економијата.
Битиќи и Петров се согласиле дека потенцијалот за развој на старт ап компаниите во земјата е огромен, а во наредните години заеднички ќе работат на тоа Северна Македонија да ја направат регионален старт ап центар, каде секое младо лице со идеја ќе може да ги оствари своите бизнис идеи.