СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Дури и најсилната европска економија не е отпорна на короната, загрозени 15% од компаниите

Кризата предизвикана од коронавирусот го загрозува опстанокот на 15 отсто од германските компании, покажуваат резултатите од најновото деловно истражување, спроведено од институтот ИФО во ноември.

„Тоа е подобрување во споредба со јуни, кога таа бројка беше 21 процент“, вели Клаус Волрабе, раководител на истражување на ИФО, според изјавата на институтот доставена до „Танјуг“.

Тој, сепак, додава дека 86 отсто од туристичките агенции и тур-оператори во моментов се чувствуваат загрозено, како и 76 отсто од хотелите и 62 отсто од рестораните.

Во рекламната индустрија, 27 отсто од агенциите сметаат дека нивниот бизнис е загрозен, додека во бродската индустрија, таа бројка е нешто помалку од 14 отсто.

На дното на оваа скала се давателите на ИТ услуги со 5,0 отсто и правните и даночните консултанти со 3,0 отсто. Во просек, опстанокот на 19 отсто од давателите на услуги е загрозен, за разлика од 27 отсто во јуни.

Во трговскиот сектор, 14 отсто од фирмите сметаат дека нивниот опстанок е во опасност (18 отсто во јуни), при што ваквиот став сега изнесува 18 отсто од нив во малопродажба и 10 отсто во трговијата на големо.

Во преработувачката индустрија, таа бројка е 11 отсто, наспроти 17 отсто во јуни.

Според резултатите од истражувањето, во моментов најзагрозени се производителите на основни метали со 34 отсто, печатниците со 29 отсто, производителите на пијалоци со 22 отсто, текстилната индустрија со 20 отсто и индустријата за облека со 18 отсто.

Хемиската и фармацевтската индустрија се сметаат себеси за најмалку ранливи, при што нивните показатели се еден и нула отсто, соодветно.

Во градежништвото, бројката е 4,0 отсто, и иако е двојно поголема од јуни, сепак е мала, се вели во соопштението на институтот ИФО.

Поврзани вести

За Мелинда 73 милијарди долари? Според законот на државата Вашингтон, Гејтс го делат имотот на половина

Милионска казна за Grindr за нарушување на приватноста

Влатко Зорба

Pfizer на богатите земји им продаде дури 82% од вакцините

msp-admin