Германските работодавци ја предупредуваат владата на земјата дека без поголема имиграција на работниците од Западен Балкан, компаниите во таа земја нема да можат да најдат соодветна работна сила.
Според германските медиуми, Херман Шулте Хилтроп, претседател на градежниот огранок на германското здружение на работодавци, предупредил дека во следните неколку години 150.000 градежни работници ќе заминат во пензија и дека е сè потешко да се најде соодветно образована и обучена замена.
Тој вели дека работодавците го поздравуваат продолжувањето на правилата за Западен Балкан, што ќе овозможи продолжување на валидноста за издавање работни визи за неквалификувана работна сила, но тој го критикува фактот дека е одредена квота од 25.000 работници годишно.
„Ако изгубиме 50.000 работници годишно, онолку колку што досега се стекнавме благодарение на ова правило, ситуацијата сериозно ќе се влоши. Од 2021 година, можеме да сметаме на целосна суспензија во одредени индустрии, како што се изградба на куќи. За пофалба е што ќе се подготви нов закон со кој правилото ќе биде продолжено, но не можеме да разбереме зошто тој број е ограничен на 25.000, а во делот на ЦДУ тие дури споменуваат и граница од 15.000. Ова се работни места за кои е невозможно да се најдат квалификувани работници во нашата земја“, вели Хилтроп.
Тој посочи дека стравувањата дека работниците од Западен Балкан ќе го оптоваруваат германскиот социјален систем или ќе одземаат работни места од германските работници не биле оправдани, посочувајќи на студија на германското Министерство за труд која покажа дека нема негативни последици при примената на правилото, туку дека мерката се покажала потполно оправдана.
Германскиот дневен весник „Раинише Пост“ истакнува дека ограничувањето е под притисок на ЦДУ затоа што тие стравуваат дека десничарските радикали, како Алтернатива за Германија, ќе го искористат како популистичка кампања против владата.
„На секого е јасно дека ова ограничување најтешко ќе го погоди градежништвото ако останеме без тие работници. Но, стравот од десничарскиот радикализам ги принуди коалициските партнери во владата на компромис“, пишува весникот. Новинарот на тој весник во коментарот посветен на оваа тема пишува дека е несфатливо е дека фактите за позитивното влијание на работниците од Западен Балкан се туркаат под килимот и дека наместо тоа се шират популистички невистини.
„Апсурдно е да се тврди дека овие луѓе доаѓаат тука за да користат социјални придобивки кога Институтот за пазарот на трудот докажа дека скоро ниту еден од работниците што дошле не станал невработен“, се наведува во текстот. Во провинцијата Северна Рајна-Вестфалија, како што посочи, некои работодавци веќе се жалат дека одредени проекти мора да бидат запрени целосно, бидејќи не се сигурни дека ќе можат да најдат работници.
Наспроти популарното верување дека коронакризата ќе ја намали потребата на работниците од странство, угледниот германски деловен весник „Ханделсблат“ пишува дека работодавците се жалат дека им се потребни работници од Балканот, но дека не можат да ги добијат заради ограничувања во врска со короната. „Ханделсблат“ пишува дека најкритична е ситуацијата во областа на градежништвото, медицинскиот персонал и софтверот.
„Ханделсблат“ цитира дека од 2009 година до денес, дури третина од германскиот бруто-домашен производ е реализиран благодарение на увезената работна сила.