СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Kia може да го произведува автомобилот на Apple

Јужнокорејската компанија Kia, која е во рамките на групацијата Hyundai, наводно, е задолжена за соработка со странски производители за развој на автономни електрични возила. Првата асоцијација на сите со тоа е Apple.

Kia, јужнокорејскиот производител на автомобили со добра репутација и позиција на пазарот, неделава се дозна дека токму тие, како подружница на Hyundai Motor, ќе бидат задолжени за развој на автономни електрични автомобили во иднина. Официјално се дознава и дека Kia ќе соработува со „неколку странски компании“ во развојот на ваквите напредни автомобили во иднина.

Секако, американскиот Apple не е споменат ниту еднаш во изјавите од оваа компанија, но кога оваа информација ќе се стави во контекст на претходните – на сите им се наметнува само еден заклучок: групацијата Hyundai ја задолжи Kia да соработува со Apple за развој на нивниот иден автономен електричен автомобил.

Kia, патем, ја претстави својата нова стратегија на компанијата оваа недела, која вклучува поместување на фокусот кон напредни решенија за мобилност. Соодветно на тоа, беше претставен новиот слоган „Movement that inspires“, како и лого што ќе означи нова ера на оваа корејска компанија. Покрај тоа, Kia објави дека до 2027 година ќе претстави дури седум нови исклучиво електрични возила во различни сегменти.

Фокусот на модерната технологија очигледно ќе биде силата на Kia во следните години, и токму тоа е она што, во комбинација со искуството за составување автомобили, му е потребно на Apple во моментот. Тие, наводно, ќе ја направат технолошката позадина, напредните батерии, чиповите и софтверот за автономно возење, но за да стане реалност нивниот автономен електричен автомобил, ќе мора производството да го доверат на некој поискусен. Засега, се чини дека Kia, дел од групацијата Hyundai Motor, отиде најдалеку во преговорите.

Автомобилот на Apple може во најдобар случај да биде претставен пред јавноста оваа или следната година, а производството, повторно во идеално сценарио, би можело да започне во 2024 година.

Поврзани вести

LVMH купи 50% од брендот шампањ на Џеј Зи

Влатко Зорба

Петров: Започна аплицирањето за мерката 14.500 денари за исплата на плати за мај (ВИДЕО)

msp-admin

Победата на Бајден ќе биде добра вест за европските пазари

msp-admin