Ние мора да се откажеме од употребата на меѓународни платни системи контролирани од Западот, изјави министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, кој е во дводневна официјална посета на Кина. Лавров ги нарече санкциите на Западот против Кина и Русија „неразумни“, додавајќи дека одговорот на двете нации треба да биде соработка.
„Мора да ги намалиме ризиците од санкции со зајакнување на нашата технолошка независност, преминување кон плаќања во наши национални валути и глобални валути кои служат како алтернатива на (американскиот) долар“, рече шефот на руската дипломатија, пренесува South China Morning Post.
Пред неговата посета, кинески „Global Times“ оцени дека посетата на Лавров е знак за тоа колку е блиска кинеско-руската координација за да се намали влијанието на „проблематичните САД“.
Според рускиот министер, во светот треба да се формира широка коалиција на земји кои се против против унилатералните санкции на САД. „Животот нè принудува да ја градиме нашата линија во економскиот и социјалниот развој на таков начин што не зависиме од каприците на нашите западни партнери“, рече Лавров, пренесува Интерфакс.
Тој посочи дека не е во ред да се казнува било кого во современата меѓународна арена и обидот за воведување такви правила на Русија и Кина го нарече „едноставно неразумно“.
„Кина е вистински стратешки партнер и вистински истомисленик за нас и нашата соработка со меѓународниот план игра стабилизирачка улога во глобалната и регионалната ситуација“, рече Лавров, пренесе „Синхуа“.
Рускиот министер за надворешни работи изјави и дека целата инфраструктура на односите на Русија со Европската унија е уништена со еднострани активности на Брисел, па затоа Москва сега нема никакви односи со таа организација.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека посетата на Лавров не е насочена против други земји. Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја истакна важноста на мултилатерализмот и ги повика сите земји да ги преиспитаат основните принципи на Повелбата на ООН и да практикуваат вистински мултилатерализам со цел да се изгради заедница за иднината на човештвото, пренесува CGTN.
Според коментарите на руските аналитичари, откажувањето на доларот во меѓународната трговија е сè уште далеку, бидејќи кинескиот јуан денес учествува со 3-4 проценти во обемот на прекугранични плаќања, па затоа не може да се смета за сериозен систем на плаќање во светската трговија. Раното преминување кон јуанот ќе го ограничи обемот на трговијата, тврдат тие.
Во исто време, портпаролот на претседателот на Русија, Дмитриј Песков, вели дека во рамките на напорите, пред се на Соединетите држави, за проширување на антируските санкции, тој не ја исклучува можноста Русија да биде исклучена од меѓународната банкарска SWIFT мрежа.
Затоа Москва создаде домашна алтернатива за прекугранична меѓубанкарска комуникација наречена Систем за пренос на финансиски пораки (SPFS), која треба да биде поврзана со кинескиот прекуграничен меѓубанкарски платежен систем CIPS и идниот индиски механизам за плаќање, пренесe РТ.
Кинеските финансиски експерти наведуваат дека Вашингтон го злоупотребува SWIFT со цел произволно да санкционира која било земја по своја волја, што предизвика глобално незадоволство. Тие веруваат дека ако Кина и Русија можат да работат заедно за да ја оспорат „хегемонијата на доларот“, другите земји би им се придружиле.