Богатството на 100-те најбогати Американци во првите сто дена од претседателствувањето на Џо Бајден се зголеми за 195 милијарди долари, според Блумберг.
Вкупното богатство на 100-те најбогати граѓани на САД достигна 2,9 трилиони долари до 30 април, што е зголемување за 195 милијарди од инаугурацијата на Бајден на 20 јануари. Во исто време, богатството на 50% од граѓаните на САД со најниски примања е само 2,5 трилиони долари.
Главната причина за ваквото забележливо и брзо збогатување е растот на берзите како резултат на ширењето на вакцинацијата и надминувањето на пандемијата на коронавирус. Главните берзански индекси растат скоро континуирано од февруари, надминувајќи еден рекорд по друг. Индексот „Дау Џонс“ и „С & П 500“ пораснаа повеќе од 10% во текот на тие месеци.
Стимулативните мерки на Бајден и неговата масивна програма за вакцинирање поттикнаа брзо закрепнување, а со тоа и раст на берзите и богатството на најбогатите Американци. Сепак, слични позитивни трендови во САД се забележани во последните неколку недели од претседателскиот мандат на Доналд Трамп, а богатството на 100-те најбогати Американци порасна за 267 милијарди долари од 4 ноември 2020 година до инаугурацијата на Бајден.
Економијата на САД се опоравува побрзо од очекуваното. Меѓународниот монетарен фонд предвидува раст на БДП на САД од 6,4% оваа година.