Неплатената прекувремена работа е во пораст, а работниците ширум светот треба да и се заблагодарат на пандемијата за тоа, пишува „Форбс“.
Секој десетти работник вели дека работи над 20 дополнителни часови неделно, според студијата на истражувачкиот институт АДП објавена во средата.
Од почетокот на кризата со коронавирус, бројот на прекувремени часови е двојно зголемен. Покрај тоа, работниците имаат просечно 9,2 часа неплатена прекувремена работа неделно, во споредба со 7,3 часа една година порано.
Институтот АДП испита над 32.000 работници во 17 земји за да го процени расположението на работниците кои се соочуваат со пандемија.
„Одговорност на менаџерот е да знае колку работат неговите вработени“, рече Кевин Рокман, професор по менаџмент на бизнис школата на универзитетот Џорџ Мејсон. „Мрзливо е и неодговорно да се остават работниците да му кажуваат на менаџерот колку прекувремени часови имале“, додаде тој.
АДП откри дека работниците работат дополнителни часови за да ги надоместат перформансите на колегите кои изгубиле или се откажале од работа, или едноставно да се справат со дополнителната работа наметната од пандемијата.
Најголем скок во неплатена прекувремена работа е забележан во Северна Америка, каде работниците работат бесплатно дури девет часа неделно, што е раст на годишно ниво за тој показател од 125 проценти.
Сепак, во овој поглед, азиско-пацифичкиот регион сè уште води, каде работната сила обезбедува бесплатни услуги во просек 10 часа неделно.
Иако главниот економист на АДП, Нела Ричардсон вели дека ваквиот тренд доведе до драстичен раст на продуктивноста, таа веднаш посочува дека тој е неодржлив на долг рок, пренесе „Форбс“.