ФИТР е двигател на иновациите, на дигиталниот развој и претприемништвото. Токму затоа е и логичен след за мојата кариера. Јас сум личност која потекнува и припаѓа на бизнис заедницата, добро знам што е потребно за успех и каде лежат најголемите предизвици, вели Коста Петров во интервју за „Локално“.
Вели дека професионалното искуство и познанствата кои ги има стекнато во изминатите 15 години на чело на креативната агенција „Пи Ворлд“ ќе му овозможат значително да придонесе за земјава токму од новата позиција на која се наоѓа.
Неговата визија, вели, е заедно со помош на интернационалната и македонската стартап заедница, со новиот бран на македонски иноватори да се позиционира Северна Македонија како регионален стартап хаб.
-Тука имаме многу потенцијал, многу паметни и мотивирани млади луѓе и ќе ја насочам целата моја енергија да ги поддржиме. Најважно од сѐ – ќе работиме заедно со старт ап заедницата, за да одговориме на нивните реални потреби и да им помогнеме да успеат, вели потпретседателот на СДСМ.
За предизборното ветување за онлајн виза за дигитални номади, тој вели дека тоа е проект кој лично го иницира, а на концептот работи веќе подолго време.
– Привлекувањето на ваквите таленти ќе има позитивен ефект врз нашата локална економија и ќе овозможи поблиска соработка на македонските претприемачи со интернационални претприемачи, вели директорот на ФИТР.
ИНТЕРВЈУ со Петров: ФИТР е логичен след за мојата кариера, добро знам што е потребно за успех