СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

PwC: Жените повеќе губеле работата од мажите во 2020 година

Повеќе жени отколку мажи се вработени во секторите најпогодени од пандемијата „Ковид-19“, така што тие биле поизложени на губење на работата минатата година, се вели во извештајот на консултантската компанија PricewaterhouseCoopers (PwC), објавен во петокот.

Според експертите на PwC и авторите на извештајот „Women in Work Index. The impact of COVID-19 on women in work“, кој го мери економското зајакнување на жените во 33 земји-членки на ОЕЦД, жените ќе го почувствуваат влијанието на пандемијата повеќе од мажите.

Како што објавија од PwC, повеќе жени отколку мажи се вработени во секторите најпогодени од пандемијата ковид-19, а прелиминарните податоци веќе покажуваат дека во 17 од 24-те земји-членки на ОЕЦД кои објавија пораст на невработеноста во 2020 година, жените се повеќе погодени од губење на работата отколку мажите.

Според PwC, во споредба со 2019 година, проценетата годишна стапка на невработеност во ОЕЦД минатата година се зголеми за 1,7 процентни поени за жените, од 5,7 проценти во 2019 година на 7,4 проценти во 2020 година и за 1,5 процентни поени за мажи.

Така, податоците собрани во извештајот PwC покажуваат дека на глобално ниво 40% од вработените жени, скоро 510 милиони, се вработени во сектори идентификувани од Меѓународната организација на трудот како најтешко погодени од пандемијата Ковид-19, во споредба со 37% од мажите кои работат во тие сектори. Овие најпогодени сектори вклучуваат туризам, забава и рекреација, трговија и услуги за храна, забележува PwC.

„Позитивниот тренд на изедначување на можностите на жените на пазарот на трудот е прекинат од пандемија, затоа е потребен систематски пристап за борба против негативните ефекти од оваа криза. Одговорите може да бидат иницијативи за промовирање на стратегиите за родова еднаквост на работното место, зголемување на број на жени вработени во сектори кои моментално растат најбрзо или стремежот жените и мажите да бидат платени еднакво за работа со еднаква вредност. Тесната соработка помеѓу владите и работодавците е клучен елемент без кој нема да се постигне успех“, рече Цезари Желажнички, партнер во PwC Полска, одговорен за активности за промовирање на различноста и вклученост во Централна и Источна Европа, чија изјава ја цитираше PwC во соопштението за медиумите.

На скалата на земјите-членки на ОЕЦД во однос на пристапноста до индивидуалните пазари на труд за жените, земајќи ги предвид факторите поврзани со родовиот јаз во платите, учеството на работната сила и стапките на невработеност во двете групи, како и бројот на луѓе кои работат полно и скратено работно време, првите места ги држат Исланд, Шведска и Нов Зеланд, додека последните позиции им припаѓаат на Мексико, Јужна Кореја и Чиле.

Во годинешното издание на извештајот на PwC, кој вклучува податоци за 2019 година, меѓу земјите од Централна и Источна Европа, Словенија е на највисоко, четврто место, Полска го држи 11-то место, Унгарија на 18-то, Естонија на 19-то, додека, од вкупните 33 земји, Чешка е на 22-то место, а Словачка на 26-то место.

Желажнички рече дека некои земји во Централна и Источна Европа имаат причина да бидат задоволни, бидејќи во многу специфични индикатори анализирани при креирање на индексот на жени на работа, нивната позиција е далеку над просекот на ОЕЦД, па на пример според критериумот на родовиот јаз во платите, Полска е на 5-то место од 33 земји на ОЕЦД, додека во однос на стапката на вработеност на жени со полно работно време, првите четири места ги заземаат Унгарија, Словачка, Чешка и Полска.

Авторите на извештајот посочија и дека ако сите земји на ОЕЦД успеат да ја зголемат стапката на вработеност кај жените, како онаа на Шведска, што е 81 процент, БДП на целата група на долг рок може да се зголеми за дури 6.000 милијарди американски долари . Во исто време, земјите кои во моментов имаат најниска стапка на вработеност кај жените, како што се Мексико, Италија и Грција, ќе имаат најголем профит, заклучува PwC.

Поврзани вести

Amazon може да банкротира до 2030 година

msp-admin

Goldman Sachs: Вакцината ќе биде одобрена до крајот на годината

msp-admin

Три банки казнети со 28 милиони евра

Влатко Зорба