Москва и понуди на Финска технологија потребна за производство на Спутник V, пренесува ТАСС, цитиран од Еурактив, како обид да се заобиколи пречката што институциите на ЕУ најчесто ги наведуваа во последните денови како главна причина зошто руската вакцина сè уште не е регистрирана за употреба во ЕУ.
Да потсетиме, Европската комисија тврди дека Спутник V не исполнува еден од главните критериуми за влез на пазарот на ЕУ: производствен погон во Унијата.
Поранешната финска амбасадорка во Москва Хана Химанен ги предупреди граѓаните викендов во интервју за МТВ3 дека „главната задача на ваквиот стратешки потег е да се посее семе на политички раздор во ЕУ“.
– Финска е една од земјите на ЕУ во која Русија би сакала да го тестира своето влијание во наредните години – објасни Химанен.
Предлогот, наводно, бил првпат спомнат за време на телефонскиот разговор меѓу спикерот на руската Дума, Валентин Матвијенко и поранешниот фински претседател Тарја Халонен, кој во моментов е ангажиран во работна група за Ковид-19 во рамките на Светската здравствена организација.
Треба да се напомене дека предлогот е понуден среде растечкото незадоволство кај Европејците за дебаклот околу програмата за вакцинација на самата ЕУ, што доведува до ривалство меѓу земјите-членки, особено во контекст на набавка на алтернативни дози на вакцини на пазарот.
Овој понеделник, Европската агенција за лекови (ЕМА) ја нарече употребата на руската вакцина Спутник V, што некои членови се подготвени да ја разгледаат и над нејзините официјални препораки, „играње руски рулет“.
Доналд Туск, сегашен претседател на Европската народна партија, најголемата политичка група во ЕУ, ги предупреди своите сограѓани во Полска „да не бидат наивни за вистинските причини поради кои Кина и Русија ги нудат своите вакцини на Европа ”
На прашањето на редакцијата на „Еурактив“ дали Комисијата ги разгледува политичките импликации од воведувањето на руската вакцина на нејзиниот пазар, портпаролот Ерик Мамер истакна дека тие се фокусирани исклучиво на здравствените конотации на Спутник V.
„Единствениот аспект што го земаме предвид како одговорна организација е здравјето на нашите граѓани“, рече тој.