Првиот човек на украински Нафтогас, Андреј Кобољев напиша на Фејсбук дека запирањето на изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ за Украина е прашање на живот или смрт.
„Дозволете ми да не се согласувам со господинот Путин. „Северен тек 2“ е прво и основно алатка што ја прави Украина беспомошна пред руската воена агресија. Затоа, за нас, овој економски бесмислен проект има многу опипливо геополитичко значење“, напиша Кобољев.
Рускиот претседател Владимир Путин во средата на состанокот со лидерите на парламентарните фракции рече дека верува оти Западот ја блокира изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ не заради руските активности, туку заради сопствените планови за Украина.
„Зошто сè се врти околу Северен тек 2? Тие сакаат да ја принудат Русија да плати за нивниот геополитички проект Украина“, вели Путин, цитиран од руските медиуми.
Бајден против Северен тек 2: „Гасоводот е лоша работа за Европа“
Во објава на Фејсбук, Кобољев ја истакна важноста на Украина како земја-транзит за рускиот гас наменет за Европа.
„Сè додека Украина е важна транзитна земја за гас што оди кон Германија, Италија и Франција, украинскиот систем за транспорт на гас е дел од нашиот одбранбен систем. Но, штом Кремљ има физичка способност да ги пренасочи протоците на гас заобиколувајќи ја Украина, таа ќе биде само цевководна мрежа. и тогаш нашата земја ќе стане многу поранлива на руската агресија“, пишува Кобоjeев.
„Затоа“, посочува тој, „запирањето на „Северен тек 2“ без претерување е прашање на живот или смрт на украинските граѓани“.
„Украина нема да може да живее и работи со овој нов гасовод без жртви“, заклучи тој.
Проектот „Северен тек 2“ предвидува изградба на двоен цевковод со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри годишно од брегот на Русија преку Балтичко Море до Германија. Работите беа прекинати во декември 2019 година, откако швајцарски Allseas се откажа од поставување цевки поради можни санкции на САД. Сепак, во декември 2020 година, продолжи поставувањето на 2,6 километри цевководи во ексклузивната економска зона во Германија. До денес, поставени се повеќе од 2.300 од 2.460 километри гасовод, што е 94 проценти од неговата вкупна должина. Останува 120 километри во данските води и околу 28 километри во германските води.
„Фајненшл тајмс“ (ФТ) претходно објави дека Германија работи на решение што треба да ја убеди администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да се откаже од санкциите на гасоводот. Според „ФТ“, Германија размислува да воведе механизам што ќе и овозможи самостојно да го блокира „Северен тек 2“ доколку Русија, на пример, изврши притисок врз Украина и произволно ги намали испораките преку нејзиниот транспортен систем.