Visa, Mastercard и други клучни финансиски партнери може да се премислат за нивната вмешаност во криптовалутата на Facebook – Libra, пренесува „Вол Стрит журнал“, повикувајќи се на извори запознаени со оваа материја.
Организациите кои финансиски ја поддржуваат Libra не сакаат да бидат проверувани од регулаторите и го одбиле повикот на Facebook за јавна поддршка за проектот.
Директорите на Libra Association, кои одговараат за политиките, се состанаа во Вашингтон минатата недела.
Одделно, „Блумберг“ пренесе дека PayPal Holdings и Stripe исто така не одлучиле дали официјално да склучат договор со Libra.
Минатата недела „Ројтерс“ напиша дека Facebook може да го одложи лансирањето на Libra за да одговори на загриженоста од регулаторите од целиот свет.
Facebook објави дека планира да ја објави својата дигитална валута во јуни 2020 година, во партнерство со други членови на Libra Association, а технолошкиот гигант ќе управува со проектот.
Сепак, обидот да се претворат криптовалутите во нешто масовно се соочи со регулаторен и политички скептицизам на глобално ниво, при што Франција и Германија се закануваат дека ќе ја блокираат работата на Libra во Европа.
Компаниите веднаш не одговорија на барањето за коментар.
Дејвид Маркус од Facebook, кој ги следи плановите на компанијата со Libra, во твит напиша дека не бил свесен за плановите на другите компании „да не учествуваат“.