Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ ќе ги прекине летовите во јануари поради новите блокади во Велика Британија, изјави во четвртокот извршниот директор Јозеф Варади, предвидувајќи закрепнување на побарувачката до летото.
Во декември, Варади изјави дека „Визер“ летал минатата година со капацитет од 35 проценти, вооднос на претходната година. Тој предвиде нови блокади во Велика Британија, еден од трите најголеми пазари на „Визер“, заедно со Романија и Полска, што би значело дека капацитетот ќе падне за 25% во јануари.
Коосновачот на „Визер“ тврди дека долгорочната приказна за раст на таа компанија останала недопрена и треба да се поврати.
„Мислам дека, гледано од наша перспектива, летото 2021 година, ако ограничувањата бидат укинати до летото, нема да биде далеку од летото 2019 година. Тоа нема да биде можно за многу други компании“, смета Варади.
Тешко е да се предвиди колкави ќе бидат резервациите во следните три до пет месеци, но летните се „многу охрабрувачки“, посочува тој.
„Очигледно луѓето очекуваат дека сето ова ќе биде зад нас до летото“, заклучува тој, посочувајќи на програмата за вакцинација.
Ирскиот „Рајанер“, откако беше најавен развој на ефикасна вакцина во ноември минатата година, предвиде дека летото 2021 година ќе биде „многу импресивно“, додека „Изи Џет“ беше повнимателен. Денес, поради ограничувањата на короната, тие ја намалија проценката на годишниот број патници за околу пет милиони,
Од избувнувањето на пандемијата, некои големи авиокомпании имаа потешкотии да ги добијат парите потребни за да преживеат период во кој речиси и да нема летови. „Изи Џет“, „Бритиш ервејс“ и „Луфтханза“ решија на тој начин да го намалат распоредот на летовите.
„Визер“, пак, влезе во криза со солидна финансиска слика, како и „Рајанер“, со која се бори за титулата најевтина европска авиокомпанија.
Унгарската компанија објави дека нејзините 1,6 милијарди евра во готово значи дека може да преживее две години, дури и ако бидат принудени да ги приземјат сите авиони.
Пандемијата останува предизвик. „Визер“ отпушти илјадници работници и забележа загуба од 145 милиони евра во шестмесечниот период, заклучно со септември 2020 година.
Компанијата се прошири надвор од своите бази во Источна Европа низ Велика Британија и Западна Европа во последните пет години и продолжи да ја шири својата флота и покрај пандемијата.
Од минатиот март, тие отворија 260 нови линии и 13 бази, вклучително и една во „Гетвик“, вториот по големина аеродром во Лондон, каде сака да се прошири понатаму.
Планира следната недела да го лансира „Визер Абу Даби“, превозник што ќе ја поврзува Европа со регионот на Персискиот Залив, пренесува Ројтерс.