Производителот на камиони и градежни машини, АБ Волво планира да намали околу 4.100 работни места во текот на втората половина на 2020 година, соопшти денес компанијата, повикувајќи се на влијанието на пандемијата „Ковид-19“ врз бизнисот.
Пандемијата на коронавирусот ја задуши побарувачката за камиони, принудувајќи ги Волво и неговите ривали да ги намалат трошоците, пренесе Ројтерс, додавајќи дека на почетокот на овој месец, производителот на камиони Сканија исто така најави големо намалување на работната сила.
„Епидемијата и глобалните мерки преземени за борба против неа, доведоа до состојба на пазарот што ја погодува нашата индустрија. Ефектот се очекува да биде помалку во иднина и ние треба да продолжиме соодветно да ја прилагодиме нашата организација“, се вели во соопштението на извршниот директор на Волво – Мартин Лундстед.
Во изјавата на компанијата се прецизира дека околу 15 проценти од планираното намалување на работната сила ќе се однесуваат на консултантите и дека се очекува да бидат намалени околу 1.250 работни места во Шведска.
Компанијата со седиште во Гетеборг, во која има вработено околу 104,000 луѓе, на крајот на април објави дека регистрирала 75 проценти помалку нарачки за камиони во март во однос на февруари и дека оттогаш бележи негативен тренд.